Времеплов: Како изгледаше првиот мобилен телефон?

933

Помладите генерации можеби не ни знаат како изгледале фиксните телефони, но овој пат времепловот му го посветуваме на првиот мобилен телефон во светот.

За “татко“ на мобилните телефони се смета Мартин Купер од САД. Тој се смета за прв инженер, кој во периодот меѓу 1972-ра и 1973-та година, го претстави првиот мобилен телефон.

Иако првите мобилни телефон беа претставени од страна на American Telephone & Telegraph company (AТ&T) во 1946 година. Тогаш биле овозможени само 12 канали, па корисниците морале да чекаат слободна линија. Друга слабост на тие телефони била енергијата што им била потребна за работа. Според Britannica, на тогашните телефони им било потребно да бидат поврзани со автомобил, па затоа тие телефони и не биле мобилни во вистинска смисла на зборот, туку телефони за во автомобил.

Технолошката компанија Motorola почнала да развива телефон што ќе биде целосно независен и ќе може да се носи на било кое место. Па, првиот мобилен телефон е во нивно производство, а го добил името DynaTAC (Dynamic Adaptive Total Area Coverage). Станувало збор за телефон долг 23 сантиметри, а тежел “само“ 1,1 килограм. Со овој мобилен телефон, корисникот можел да зборува само 35 минути пред да му се испразни батеријата.

На трети април 1973 година, Купер го претставил овој телефон на прес конференција во Њујорк. Овој телефон никогаш сериски не бил произведен, бидејќи на Motorola ѝ биле потребни уште 10 години за да може да го доусоврши и развие моделот. Така, во 1983-та година, Motorola го претстави првиот мобилен телефон за потрошувачи под името DynaTAC 8000x. Иако неговата цена била 3.995 долари, телефонот доживеал вистински успех.

Како и за многу други технолошки пронајдоци и уреди, ова беше само почеток, а останатото е само историја.

Фото: Pexels & YouTube – printscreen