Јапонија го преиспитува својот концепт на работа “од утро до мрак”

121

Јапонските власти ги повикуваат компаниите да го скратат работното време и да им дозволат на работниците да работат од дома, а јавноста сè повеќе го преиспитува основниот концепт на јапонската работна култура.

Со децении, се верува дека во Јапонија клучот за секој успех е долгата работа. Во јапонските компании, вработените не можат да си одат дома пред своите шефови, а и шефовите работат многу повеќе отколку што се навикнати Европејците и Американците.

Јапонските студенти остануваат во училиштата далеку подолго од нивните европски колеги, сметајќи дека знаењето и работата се клучот за успехот на нацијата која практично нема рудни богатства, пишува Seebiz.

Минатата недела премиерот Шинзо Абе, во драматичен повик за борба против ширењето на корона вирусот повика на затворање на училиштата, како и борба против традиционалните табуа на јапонските фирми за работа “од утро до мрак, без оглед на тајфуните и земјотресите“.

Се чини дека големите јапонски компании како Panasonic и Mitsubishi почнаа да ги усвојуваат овие мерки наведувајќи ги своите вработени да работат од дома. Оваа промена ги наведува работодавците да воведат пофлексибилен стил на работа, но и да ги преиспитаат своите критериуми за добро завршена работа.

“Работодавачите во Јапонија немаат развиен систем за проценка на работата на своите работници, и многу внимание ставаат на бројот на часови поминати на работното место“, наведува професор на еден универзитет во Токио.

Јапонските работници се познати дека доаѓаат на своите работни места дури и кога се болни и во деновите кога официјално се на годишен одмор, за да ги задоволат своите работодавачи. Во денешната ситуација тоа апсолутно одмогнува во борбата против епидемијата.

Фото: Pixabay