Директорите ширум светот се соочуваат со нова реалност која ќе трае најмалку неколку месеци заради влијанието на пандемијата на коронавирус. Иако приходите ќе бидат краткорочно погодени, повеќето директори остануваат уверени дека нивните компании годинава повторно ќе бидат во добра форма, покажува истражувањето за влијанието на појавата на Ковид-19 врз работењето на компаниите.
Анкетата на Young Presidents’ Organization (Организацијата на млади претседатели) објавена во вторникот, покажа дека 82% од деловните лидери очекуваат да паднат приходите во наредните шест месеци, но повеќе од половина 54% предвидуваат дека приходите ќе се вратат во нормала во рок од една година. Покрај тоа, 61% од извршните директори очекуваат нивната вкупна фиксна инвестиција да остане непроменета во текот на годината.
Студијата вклучи повеќе од 2.750 извршни директори во 110 земји, од 10-ти до 13-ти март 2020 година, непосредно пред новите мерки насочени кон борба против епидемијата. Од тогаш, строги мерки, како што се затворање на барови, ресторани и други бизниси, беа воведени од повеќе држави ширум светот.
Индустриите кои се најмногу погодени се секторот угостителство и патувања (89%), образованието (87%) и медиумите и забавата (80%). Во меѓувреме, земјоделските производствени фирми, фабрики, рудници и комунални услуги пријавија раст на приходите.
Бизнис лидерите (95%) изјавиле дека преземаат нови мерки за да се спротивстават на влијанието на вирусот.
Тоа вклучува редовна комуникација со вработените (68%), прифаќање на нови здравствени и безбедносни процедури (67%), откажување на големи настани (64%) и прекинување на службени патувања (53%). Директорот на сингапурска компанија Novena Global Lifecare којашто се занимава со здравствени услуги, Нелсон Ло, рече дека оваа состојба може да обезбеди можност бизнис лидерите да воведат иновации во компаниите и да најдат нови начини за водење бизнис.
“Вирусот навистина го наруши начинот на водење бизнис. Усвојувањето на технологија и далечинската комуникација ќе напредуваат“, вели Ло за CNBC Make It, истакнувајќи дека неговата компанија во моментов размислува како може да спроведува повеќе медицински консултации преку Интернет и да ја зголеми испораката на медицински производи
Фред Моавад, член на организацијата и извршен директор на Synergia One Group, вели дека е охрабрен од оваа студија и им препорача на фирмите, каде е можно да се обидат да прифатат работни задачи од дома со цел да операциите да продолжат непречено.
“Наскоро ќе сфатиме дека работењето од далечина може да постигне многу повеќе отколку што мислевме“, вели Мoавад.
Фото: Pexels