Со затворањето на границите поради пандемијата, стана многу евидентно во која мера зависи Европа, (од Шпанија до Шведска), од сезонските работници “увезени“ од Источна Европа и Африка. Земјоделците на стариот континент масовно остануваат без работници и овошјето и зеленчукот гнијат. Така, во Германија има огромна количина аспарагус што гние под земја. Во Велика Британија, ситуацијата е иста, нема работници да берат малини или откопаат компири.
Иако Европската унија ја прогласи достапноста на храна прашање за национална сигурност за земјите членки, сега постои огромен проблем во производството како резултат на недостигот на работници. Европа, се разбира, нема да снема храна. Камиони полни со тестенини, ориз, доматно пире и друга храна ги преминуваат не само државните граници, туку и оние меѓу континентите. Но, без евтина работна сила од земјите од Источна Европа, побогатите европски земји ризикуваат да ги загубат приносите. Овошјето и зеленчукот генерално треба да се собираат со рака, а ако тоа не се направат брзо плодовите ќе изгнијат.
Германија зависи од 300.000 сезонски работници кои работат на полињата за време на пролетта и летото, со започнување на сезоната кон крајот на април.
Бидејќи нивното пристигнување не е можно, илјадници Германци аплицираа за работа за која саатницата изнесува 9,35 евра, иста како и минималната саатница во Германија. Поточно, се пријавиле 16.000 граѓани, што е далеку помалку од потребното.
Во Франција, околу 40.000 луѓе се пријавиле да работат на земјоделски површини. Инаку, француските трговски ланци намирници купуваат исклучиво од тамошните земјоделци. Сепак, на француските земјоделци им требаат дури 200.000 сезонски работници. Сега има 40.000, а повеќето од нив никогаш не работеле таква работа.
Сепак, најлошо помина Италија, европскиот епицентар на пандемијата. Околу една четвртина од италијанската храна ја берат околу 370.000 сезонски работници, претежно од Источна Европа. Тие сега нема да дојдат, а само 2.000 луѓе се пријавија да ги заменат.
Пред шест недели никој не размислуваше од каде доаѓа храната што ја јадеме, а сега сите за тоа говорат, заклучува New York Times.
Фото: Pixabay