Бундесбанк: Инфлацијата ќе остане и по отворањето на Ормутскиот теснец

По прелиминарниот договор меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, отворањето на Ормутскиот теснец изгледа неизбежно, но е прерано за целосен оптимизам, предупреди претседателот на Бундесбанк, Јоаким Нагел.

Нагел на самитот на Euro Finance во Франкфурт нагласи дека ќе бидат потребни месеци за снабдувањето со нафта да се врати во нормала, дури и ако теснецот се отвори веднаш, пренесува ДПА.

До нападот на САД и Израел врз Иран на 28 февруари, нафтата што покриваше околу една петтина од светскиот пазар минуваше низ Ормутскиот теснец.

Како одговор на нападот, Иран практично го затвори преминот за танкери, а дефицитот брзо предизвика зголемување на цената на нафтата и горивото, а потоа ја поттикна инфлацијата.

Дури и ако танкерите заминат веднаш, „поединечните производствени капацитети во регионот се оштетени или ставени надвор од функција, а резервите се топат“, истакна Нагел.

Во Германија, инфлацискиот притисок ќе се интензивира кога ќе истечат владините субвенции за гориво за автомобили на крајот на јуни, додаде тој.

Војната на Блискиот Исток веќе ја забави економијата на Германија и Еврозоната. Минатата недела, Бундесбанк ја намали својата прогноза за раст за оваа година на 0,5 проценти, од 0,6 проценти во декември.

Европската централна банка (ЕЦБ) реагираше на скокот на цените со зголемување на референтната каматна стапка за 0,25 процентни поени. Тоа е прво зголемување на стапката од септември 2023 година.

Нагел го повтори она што го кажаа многу економисти, а тоа е дека корекцијата на каматната стапка веројатно не е последна оваа година, бидејќи зголемените трошоци за гориво се прелеваат на малопродажните цени.

„Решени сме да ја прилагодиме монетарната политика така што таа ќе ја стабилизира инфлацијата на среден рок, во рамките на целта на ЕЦБ од два проценти“, рече тој.