Пиварата Werneck, од истоимениот град во Баварија, основана во 1617 година, престана да работи поради коронавирусот. Преживеа светски војни, економски кризи и децении на опаѓање на потрошувачката на пиво, но по 400 години постоење, се соочи со предизвик што не може да го надмине.
Оваа мала пиварница, сопственост на истото семејство од 1861 година, отпушти 15 вработени со полно работно време и повеќе хонорарци и ја прекина локалната традиција во место со 10.000 жители.
Малите пивари првенствено опстојуваа пред сè од снабдувањето на кафани, а бидејќи кафеаните се затворени, тоа веројатно ќе предизвика масовно затворање на овие видови на домашни фабрики, што зависеа многу и од одржувањето на локалните фестивали.
Германската влада нареди забраната за масовни собири да се задржи најмалку барем до први септември, а се проценува дека ќе трае најмалку една година малите пивари да се вратат на ниво на производство и продажба од пред да избувне пандемијата.
Испораката на пиво и чаши на домашни адреси, исто така, не им помогна.
Кристин Ланг, од семејството на сопственикот на пиварницата во Вернек, рече дека одлуката за затворање е донесена со многу солзи.
“Веќе има тешка борба на пазарот за пиво со жестока конкуренција. Никој не знае колку долго ќе трае вирусот, кога ќе се случат подобрувања и дали рестораните ќе се отворат воопшто“, рече таа.
Според истражувањето на германската асоцијација на пиварници, 87% од пиварите го скратуваат работното време, користејќи владина програма што плаќа 60 % од нивната нето-плата за време на оваа криза. Но, другите програми, како што е олеснување за добивање заем и одложување на наплатата на даноците, се помалку корисни, велат пиварите.
Холгер Ајхеле, генерален секретар на германското здружение за пивари, рече дека многу пивари нема да ја преживеат оваа криза.
Покрај пиварите кои се фокусирани на рестораните, има многу т.н. занаетчиски пиварници, кои сè уште не се профитабилни и имаат позајмено пари за да го финансираат почетокот на производство. Овие пиварници придонесуваа во последните години да се зголеми вкупниот број на производители на пиво во Германија на над 1.500.
Фото: acebook