Од Италија пристигнува најава за уште еден електричен суперавтомобил кој ќе го носи името Elektron One и ќе пристигне со 1.341 КС.
Во центарот на оваа приказна се наоѓа фирмата Elektron Innovativ која со неколку фотографии и кратко соопштение го најави својот иден електричен автомобил Elektron One. Зад проектот стојат италијанскиот инвеститор Џанфранко Пицуто и турскиот бизнисмен Армаган Арабул.
Автомобилот засега опстојува во вид на рендер. Но, компанијата има намера овој автомобил да дебитира на следното издание на Меѓународниот Салон за автомобили во Женева. Германската компанија Elektron Innovative планира да го склопува автомобилот во Италија, во близина на погоните на Ferrari, Lamborghini и Pagani. Производителот исто така работи на плановите да создаде Formula E тим наречен Scuderia-E. Во Elektron Innovativ сакаат искуството и знаењето од мотоспортот да го пренесат и да го искористат во развојот на својот суперавтомобил Elektron One.
Засега е познато дека Еlektron Оne ќе има неколку електромотори кои заедно ќе испорачуваат вкупно 1.341 КС. Моќноста ќе се пренесува на сите четири тркала, а максималната брзина се очекува да надминува 400 километри на час. Забрзувањето од нула до „стотка“ ќе се достигнува за 2,1 секунда.
Elektron One ќе биде направен од композитен монокок користејќи мешавина на карбон, арамид и биофибер. Од овие рендери кои се објавени, јасно може да се забележи дека Elektron One има сличен изглед како и останатите суперавтомобили.
„Elektron е создаден да биде бренд за спортски автомобили. Не планираме да произведуваме модели со четири врати. Доколку се појави таква мисла во иднина, би размислил да го направиме тоа но под некој друг, сестрински бренд. Како и да е, кога станува збор за возилата на две тркала, би можел да го замислам логото на Elektron на некој електричен супер мотоцикл. Тоа би било одлично“, изјави Армаган Арабул.
Промоцијата на автомобилот се најавува за првиот квартал од следната година. Според плановите треба да се произведуваат 140 примероци годишно. Откако ќе се етаблира стандардниот модел, компанијата би сакала да додаде и „спајдер“ верзија, тркачка верзија и евентуално возило со уште помоќни перформанси. Кога станува збор за цената, базичната верзија би требало да чини помеѓу 330.000 и 350.000 евра.
Преземено од Avtoplus.mk