Туристичката организација на Будва соопшти дека во сите видови на сместување се регистрирани 1.500 гости, што е скоро 20 пати помалку во однос на истиот период минатата година, кога имало 29.000 туристи, пишува Vijesti.
“Се надевам дека што е можно поскоро ќе биде отворена границата со Србија, бидејќи има доста работници од таа земја кои кај нас се сезонски ангажирани. Но, ако продолжи сезоната како што започна, работниците нема да ни бидат потребни“, изјави Роберт Виола, закупец на плажа во Црна Гора.
Еден од угостителите кои со години имаат ресторанот во ѕидините на Стариот град, вели дека ги платил сите давачки, но нема кому да му го отвори ресторанот.
“Гостите кои со години беа мои клиенти ги нема и прашање е кога ќе дојдат, бидејќи границите се затворени, пред сè, пазарот во Русија е блокиран и во скоро време тие гости нема да дојдат. Засега нема да можам да го отворам ресторанот, бидејќи секој ден за мене би бил загуба“, вели тој.
Будва се соочува со тешка летна сезона, а потврда за тоа се драстично намалените приливи од наплата на такса за престој. За четири пати се намалени приходите во споредба со истиот период лани, кога се инкасирани 644.031 евра.
Фото: Pixabay











