Како пандемијата ќе го промени осигурителниот сектор?

211

Светот во иднина би требало да се навикне на епидемии на заразни болести, а голем број компании преку пандемијата предизвикана од коронавирусот заклучија дека нивното осигурување не покрива ризици што ги носат овие зарази. Големи осигурителни компании и агенти сега на клиентите им нудат осигурување од епидемија на заразни болести што се во категорија со осигурување од војна или нуклеарна експлозија.

“Користејќи апликации и други извори на податоци, Machine Cover го мери нивото на сообраќај околу рестораните, трговските центри, фризерските и автомобилските салони и кога ќе се намали под одредено ниво се исплаќа оштета на клиентите, без оглед на причината. Компаниите мислеа дека се осигурани од такви пореметувања, купувајќи полиси за осигурување од прекин на работата, уште пред избивање на пандемијата, но нашата полиса е вистински одговор на таквите случаи“, вели Индер Џет Гујрал, основач на технолошката компанија Machine Cover, којашто на клиентите им нуди осигурување што би требало да им помогне да го надминат периодот на затворање на бизнисот поради спречување на ширење на заразата.

Тој смета дека во периодот по избивање на коронавирусот ќе биде подеднакво неодговорно да се осигурате од пандемија исто како и да не платите полиса за осигурување од пожар.

Осигурителни компании од Велика Британија почнаа да продаваат полиси за осигурување со коишто на организаторите на културни и деловни настани им ги покриваат штетите од технички проблеми.

Други пак фокусот го ставаат на осигурување на возачите кои вршат достава до дома, што поради зголеменото користење на електронска трговија, многу често се во контакт со различни луѓе.

Во текот на месец март, кога епидемијата го достигна првиот пик, осигурителна компанија од Италија на луѓето кои беа отпуштени од болница им понуди осигурување што вклучува лекарска помош, финансиска поддршка и консултација со лекар од далечина, покрај редовното здравствено осигурување. За само две недели беа продадени повеќе од 1,5 милиони полиси и сега имаат три милиони клиенти во Европа и САД.

Некои од осигурителните компании ги менуваат полисите за здравствено осигурување и осигурување на работното место, бидејќи огромен број луѓе канцелариите ги заменија со работа од дома. Поради тоа, повеќе осигурителни компании од Азија планираат да воведат полиси за осигурување прилагодени на оваа нова навика на вработените, пренесува Seebiz.

Фото: Freepik