Бродот Галеб на Тито станува музеј

Некогаш репрезентативниот брод Галеб, на којшто што претседателот на Југославија, Јосип Броз Тито, примал важни гости и пловел во посета на други земји, е пренесен во бродоградилиште во Риека.

Тамошните медиуми наведуваат дека во бродоградилиштето ќе биде исчистен подводниот дел на бродот, ќе биде испуштена заостанатата течност и ќе биде отстранет талогот во резервоарите. Потоа, ќе бидат заменети челичните лимови на надворешниот дел од бродот, ќе се исчисти кормилото, ќе се средат сидрата, ќе се заштити од корозија и ќе бидат направени дополнителни корекции.

Инаку, во бродоградилиштето Далмонт, каде што претходно беше бродот, веќе започна негово преуредување во музеј. Досега е санирана структурата на бродот, отстранета е азбестната изолација, демонтирана е дрвената палуба, а поправена е и дел од бродската опрема, како и внатрешноста на бродот.

Обновата и пренамената на бродот Галеб во брод – музеј е дел од проектот на Туристичка валоризација на репрезентативните споменици на индустриското наследство на Риека, за коишто градските власти добија 9,16 милиони евра од Европскиот фонд за регионален развој.

Инаку, Тито го користел овој брод од 1948-ма до својата смрт во 1980-та година, а по распаѓање на Југославија, Галеб беше сопственост на Црна Гора. Потоа, беше продаден на еден грчки бродосопственик, но останал врзан во бродоградилиште кај Риека.

Хрватските власти одлучија да го сочуваат бродот и да го трансформираат во музеј, но во 2008-ма година делумно потона. Потоа, бродот бил продаден на Град Риека за 150.000 долари, а од тогаш повремени бил користен за уметнички изложби и конференции.

Се очекува санацијата на бродот да заврши оваа година и на крајот да стане брод – музеј.

Фото: Facebook