Доби отказ, но наместо да се лути, ги научи овие работи

Сетете се на својот најголем неуспех и замислете си дека го споделувате со 50.000 лица на социјалните мрежи. Доколу самата помисла на тоа ве плаши, размислете како Гаган Бијани се чувствувал кога својата најголема грешка ја споделил со остатокот од светот.

Бијани, како што пишува Inc, бил прв директор на стартапот Udemy, којшто доби статус еднорог бидејќи достигна вредност од две милијарди долари, но доби отказ.

Тој решил својата приказна да ја сподели на Twitter, бидејќи според него “никој не зборува за неуспехот во Силиконската долина, а скоро 90% од стартапите не успеваат“.

Бијани тогаш бил 21-годишен амбициозен претприемач кој сакал да биде дел од основањето на Udemy. Неговите вештини за продажба и високото ниво на притисок почнале да му прават проблеми во тимот со којшто работел. Добил и ментор, но не успеал да се прилагоди и да се поправи. На крајот, од него побарале да ја напушти компанијата.

Иако е нормално човек да се чувствува бесно и огорчено во таква стиуација, Бијани е “благодарен“, бидејќи така успеал да се “разбуди“ и да си помогне на самиот себе. Затоа, тој уверува дека отказот секогаш се добива со некаква причина и дека некој со полно право во компанијата одлучил дека е подобро да си замине личноста што во тој момент не се вклопува.

“Бидете достоинствени кога си заминувате. Јас не правев проблеми кога го напуштав Udemy. Се исплатеше, ја задржав добрата репутација и сите кон мене се однесуваа добро. Почувствував дека ми се сруши целиот свет, но сепак ми се отвори нова врата за мојата следна прилика“, смета Бијани.

Тој порачува дека “ако сте отпуштени или некој ве одбие, тогаш поставете си сами прашање: што направив и што можам да направам подобро следниот пат“.

Фото: Freepik