Голем број менаџери во светот имаат негативен став кон ефикасноста на нивните вработените кои работат од дома. Многумина од нив секојдневно ги проверуваат своите вработени и се сомневаат во нивната мотивација, но и во способноста дека квалитетно ги извршуваат задачите во поинакви услови, покажува истражувањето на магазинот Harvard Business Review, спроведено меѓу над 1.200 менаџери во 24 земји во светот.
Вработените, пак, најмногу се жалат на очекувањата на шефовите постојано да им бидат на располагање, велејќи дека кај таканаречената работа од дома, веќе не се знае што е работа, а што дома, односно веќе чувствуваат како го губат правото на приватен живот, пренесува Бизнис и финансии.
Повеќе од 40% од менаџерите во светот се сомневаат дека во услови на масовна работа од далечина можат ефикасно да управуваат со работниците, додека скоро 60% од директорите оцениле дека вработените кои работат од дома имаат послаб учинок одошто кога работата ја извршуваат во канцеларија.
Над две третини од менаџерите не се скептични дека вработените кои работат од дома можат да бидат мотивирани на долг рок, а над една четвртина мислат дека нивните вработените ги немаат потребните вештини за квалитетна работа од дома.
Скоро една третина од менаџерите ги контролираат вработените како ја извршуваат работата од дома.
Бидејќи чувствуваат дека губат контрола врз работата на тимот, додека вработените не ги гледаат во канцеларија, многу менаџери им вршат дополнителен притисок на вработените. Тоа, пак, за вработените значи дополнителен стрес, додека и самите се борат да се прилагодат на новите услови и да ги урамнотежат приватните и професионалните обврски.
Истражувањето покажува интересен факт дека дури и менаџерите кои имаат повеќе искуство со работата од дома и пред пандемијата, поголемиот дел од нив не се задоволни од перформансите на своите вработени.
Податоците покажуваат и дека кон вработените помалку доверливи се помладите менаџери, особено оние под 30 години, како и тоа дека нив многу повеќе им недостасува самодоверба да можат ефикасно да управуваат со процесите за коишто се задолжени.
Од друга страна, пак, над половина од анкетираните работници се изјасниле дека нивните директори постојано ја проверуваат нивната работа. Над една третина од нив им е јасно дека менаџерите отворено се сомневаат во нивните способности во извршување на задачите.
За разлика од ставот на нивните менаџерите, вработените кои канцелариите ги преселија во домашни услови, велат дека работат многу повеќе одошто кога се во канцеларија.
Фото: Freepik