Грчкиот туризам на колена, уништена туристичката сезона, следи тешка зима

115

Туризмот е столбот на грчката економија. Но, поради пандемијата на коронавирус сè ни пропадна, се жалат локалните туристички работници.

Тоа е катастрофа за целата земја, на која и се заканува сценарио полошо од финансиската криза, пишува во репортажа Дојче Веле.

“Вакво нешто какво што е Халкидики е уникатно“. Така говорат во Солун, укажувајќи на прекрасните плажи, зелени шуми и тиркизното море. Сепак, погледот на Псакудија може да залаже. Плажите се полни за време на викендите, но тоа не се странски гости – туку Грци. Средината на август со години е шпицот во Грција. Тогаш улиците во големите градови се празнат, а слободните денови се минуваат на море.

“Ние во селото немавме ниту еден случај на коронавирус, но и покрај тоа, никој не доаѓа“, се жали Мелиса, сопственичка на бар на плажа.

Таа вели дека во однос на минатата година, бизнисот опаднал за 80 %. Сепак, таа се обидува да остане оптимист: “Секој тука им помага на сите. Се надеваме дека ќе ја преживееме зимата, барем оваа година, а што носи следната – не знам“.

Брзата реакција на грчката влада во март и април го сведе ширењето на вирусот на минимум. Мерките се почитуваа – се носеа маски, се одржуваше физичко растојание во супермаркетите, луѓето остануваа дома.

Министерот за развој, Адонис Георгиадис изјави дека Грција од црна овца станала пример во Европа.

Сепак, кога аеродромите беа делумно отворени за меѓународен воздушен сообраќај на 1 јули, обично полните простории за чекање, останаа речиси празни.

“Дојдовме и покрај короната“, раскажува жена од Берлин додека седи на плажа со двајца пријатели. „Сè мина без проблеми на аеродромот“, додава таа.

За влез во Грција неопходен е т.н. QR код, кој се користи за регистрација на патници. На почетокот на јули, многу туристи не беа информирани. Други велат дека имале проблеми да пополнат електронски образец за влез во земјата.

Најдраматична е состојбата на границите со соседните земји, Бугарија и Албанија. Луѓето чекаа на границите неколку дена.

“Платив сто евра за тест за антитела“, раскажува турист од Бугарија, кој пристигнал во северна Грција пред пет дена. Но, на границата требало да го тестираат уште еднаш и тогаш тој морал да остане во хотел 24 часа.

Сега, како и во другите земји, бројот на заразени расте во Грција. Се чини дека нема никаква врска со туристите. Во соопштението од Аристотелскиот универзитет во Солун се вели дека зголемувањето на бројот на заразени било забележливо уште пред да се отворат границите.

Во меѓувреме, баровите и рестораните во Солун мора да се затворат на полноќ. Владата особено ги моли младите да го сфатат сериозно вирусот и да не ги запоставуваат нивните здравствени ризици во текот на летото.

“Не бидете виновни за заразување на вашиот сосед“, им се обрати на премиерот Киријакос Мицотакис на Тwitter на сограѓаните.

Многу Грци стравуваат од економските последици. Меѓу нив е и Григорис Тасиос, претседател на грчкото здружение на хотелиери. И неговиот хотел во Псакудија е празен оваа година. Тој значително ги намали цените, но туристите сè уште не дојдоа.

“Капацитетите се исполнети од 30 до 35 %. Се чини дека е подобро во август, затоа што имаме повеќе грчки туристи. Сепак, короната предизвика огромна штета на туризмот во Грција. Ние сметаме на загуба од 15 милијарди во однос на 2019 година, кога приходите од туризам беа 18 милијарди евра“, вели Тасиос.

Во 2019 година, туризмот наполни 20 % од бруто домашниот производ на Грција. Останува да се види дали пакетот помош од Европската унија од 750 милијарди евра – од кои 32 милијарди е наменет за Грција – ќе помогне во компензацијата на огромните загуби.

Фото: Pixabay