Човештвото ќе ги потроши сите расположиви обновени природни резерви на Земјата за 2020 година до сабота, според научниците кои посочуваат дека овој мрачен праг е постигнат малку подоцна оваа година од минатата, бидејќи пандемијата на коронавирус го забави неконтролираното исцрпување на природните резерви.
Таканаречениот “Earth Overshoot Day” е денот на кој човештвото ги “потрошило“ сите биолошки резерви што може Земјата да ги обновува од година во година. Тој ден се случува од 1970-тите се порано и порано, според Global Footprint Network.
Мрежата пресмета дека точката оваа година е достигната на 22 август во однос на минатата година, кога беше достигната на 29 јули, што значи редок случај на враќање на трендот откако пандемијата го запре животот и предизвика привремен пад на емисиите на стакленички гасови и уништување на шумите. Ова претставува намалување од 9,3% на човечкото влијанието во однос на претходната година, според Global Footprint Network.
Но, тоа не е нешто што треба да се прослави, изјави во четвртокот лидерот на мрежата, Матис Вакернагел.
“Ова не е последица на свесна одлука, туку на катастрофа“, додаде тој.
Научниците го пресметуваат денот кога човештвото ги троши сите природни резерви што Земјата успева да ги обнови од година во година, проучувајќи ја човечката потрошувачка и потребите за храна, енергија, простор за домаќинства и патишта и капацитетот на планетата да апсорбира глобални емисии, вели Вакернагел.
Споредено со навистина достапните обновливи природни ресурси на Земјата, мрежата пресмета дека човештвото троши 60 % повеќе од она што може да се обнови.
“Тоа е како пари – можеме да потрошиме повеќе отколку што заработуваме, но не засекогаш“, предупредува Вакернагел.
Според студијата, пандемијата предизвикала намалување од 14,5 % во емисијата на јаглерод диоксид во однос на претходната година, а уништувањето на шумите опаднало за 8,4 %, како резултат на очекуваниот пад на побарувачката. Научниците посочуваат дека пандемијата предизвика големи нарушувања во глобалниот земјоделски систем и пазарите, но заклучуваат дека целокупниот ефект врз намалувањето на обемот на влијанието на човештвото на планетата е мал.
Global Footprint Network наведува дека на краток рок, како резултат на напорите за контрола на пандемијата, можни се промени во навиките на потрошувачите и повикува да се искористи оваа невидена можност и да се размисли каква иднина сакаме.
Првиот човек на WWF International, Марко Ламбертини, рече дека пандемијата најтешко ги погодила најранливите и го вратила фокусот на „нашиот неодржлив и искрено, разурнувачки однос со природата“.
Тој повика на размислување за фактот дека економскиот развој не мора да биде придружен со уништување на животната средина.
“Можеме да еволуираме, но не на штета на нашата планета затоа што знаеме дека планетата во криза значи општество во криза и економија во криза“, додаде тој.
Претходно овој месец, меѓународен тим на научници пресмета дека глобалните емисии на јаглен, нафта и гас може да паднат на 8% во 2020 година, како резултат на мерките за борба против коронавирусот.
Фото: Freepik