Вон сезоната нема да ја спаси Црна Гора

50

Поради актуелната епидемиолошка ситуација и зголемениот број на заразени во Црна Гора, што предизвика ограничување за патување во оваа земја, не може да се говори за вон сезона којашто во некоја мера би можела да ги компензира загубите во туризмот оваа година, смета Дамир Давидовиќ, државен секретар во Министерството за одржлив развој и туризам на Црна Гора за весникот Побједа.

Поради пандемијата, напорите на туристичките власти ќе бидат насочени кон санација на овој сектор во исчекување на зимската сезона и подготовки за следната летна сезона.

Очекувањата се следната летна сезона да биде подобра од оваа, поради тоа што сите чинители на пазарот се запознаени со сите детали околу пандемијата и мерките што треба да се преземат.

“Очекувањата беа рекордни за оваа година преку најавите на хотелиерите, туроператорите и туристичките агенции. Годината почна добро. Забележавме раст во првите два месеца и покрај лошите резултати во зимските центри поради недостатокот на снег, но со доаѓање на пандемијата, сè се промени“, вели Давидовиќ.

Туристичкиот сектор во Црна Гора се надеваше на добра вон сезона, бидејќи поради пандемијата голем број туристи ги одложи своите одмори во екот на сезоната. Но, влошувањето на епидемиолошката слика го наруши остварувањето на таа цел.

“Од оваа туристичка година извлековме поука, и институциите и економијата и сопствениците на приватно сместување, дека секоја наредна сезона во плановите ќе ја имаме предвид и можноста за некоја нова пандемија или некоја вонредна ситуација“, смета тој.

Фото: Pexels