По 100 години работење култен ноќен клуб засекогаш ги затвори вратите

240

Во низата на секојдневни затворања на угостителски објекти како последица од пандемијата на коронавирусот, се најде и светски познат ноќен клуб во Лондон, кој засекогаш ги затворил своите врати.

Café de Paris претходно работеше речиси 100 години во лондонскиот West End, што го правеше еден од најстарите клубови од Европа. За време на своето 96-годишно работење, угостувал ѕвезди како Џуди Гарланд, Дејвид Боуви или Грејс Кели.

Клубот првпат ги затворил своите врати во март годинава, но на гостите им ветил дека повторно ќе биде отворен на крајот на пандемијата. Меѓутоа, бидејќи крајот воопшто не се гледа и после најавите дека Лондон се соочува со нови рестриктивни ограничувања поради ширење на мутиран вид на коронавирус, сопствениците на Café de Paris го затвориле објектот.

Како што навеле, разорното влијание на пандемијата си го направила своето.

“Со тешко срце потврдуваме дека засекогаш ќе ги затвориме вратите на нашето сакано Café de Paris. Се обидовме да се избориме, но на крајот беше премногу. Дадовме сè од себе за да му дадеме поддршка на вработените и го почитуваме сечие здравје и безбедност, но на крајот, како и многу други угостителски објекти, стигнавме до крајот на патот“, напишале сопствениците на Тvitter.

Покрај тоа, матичната компанија на овој клуб, Maxwell’s Restaurant Group, на почетокот на овој месец најави дека е принудена да отпушти скоро 400 работници.

Ова не е првпат Café de Paris да се соочува со потешкотии. Во далечната 1941 година клубот бил бомбардиран за време на Втората светска војна, но повторно се отворил седум години подоцна. Сепак, сега нема знаци за повторно отворање.

Фото: Facebook