Финансискиот одбор на американскиот Сенат едногласно ја поддржа кандидатурата на Џенет Јелен за прва министерка за финансии на САД.
Кандидатурата на Јелен е изгласана со 26 гласови во одбор во којшто подеднакво се застапени и демократи и републиканци, пренесува Ројтерс.
Некои републикански сенатори изразиле загриженост поради амбициозните планови на претседателот Џо Бајден околу масовна потрошувачка за помош на економијата и населението во услови на криза, за инвестиции во инфраструктурата и зголемување на даноците, но тоа не ги поколеба да го дадат својот глас за поранешната претседателка на Федералните резерви.
“Нема сомнение дека е компетентна за оваа функција“, рекол конзервативниот републикански сенатор, Џејмс Ланфорд, кој е поборник на конзервативна фискална политика и не крие дека не се согласува со политиката што Јелен ја претстави во Конгресот.
Бајден предложи економски пакет за поддршка во висина од 1,9 илјади милијарди долари и ветил инвестиции од две илјади милијарди долари за инфраструктура на земјата, во проекти за зелена енергија, образование и истражување со цел зајакнување на американската конкурентност.
Фото: Facebook