Францускиот производител на автомобили, Renault без никаква најава, ниту помпа, направи промена во своето препознатливо лого, кое се одликува со модерен и минималистички стил.
Renault започнува една нова фаза во својата историја предводена од извршниот директор Лука де Мео и неговиот план наречен Renaulution. Во согласност со истиот, француската компанија најави и електрична офанзива, но и враќање кон минатото. Прв производ на оваа филозофија ќе биде легендарниот модел Renault 5 којшто ќе се врати на сцената како целосно електричен автомобил. Меѓутоа, промените во Renault не завршуваат тука, бидејќи со новата електрична “петка“ пристигна и нешто што ретко кој успеа да го забележи, а компанијата веќе полека го инкорпорира во својот брендинг – новото лого.
Без никаква помпа, најава или било каква “манифестација“, Renault го замени досегашното лого со ново. Изгледот и понатаму останува ист и препознатлив, со тоа што сега дизајнот е минималистички и модерен, со „испреплетени жичени“ елементи, на некој начин најавувајќи на електрифицираната иднина на брендот.
Интересно е што оваа промена на препознатливиот ромб помина незабележано, а првично беше прикажан уште во јануари кога за прв пат беше претставен концептот за електричниот R5. Се чини дека никој не обрна внимание бидејќи стануваше збор за концептен и електричен модел, па веројатно многумина помислија дека тоа лого е направено само за таа намена. Меѓутоа, компанијата во меѓувреме покажа дека е сериозна во промената на својот идентитет, па логото во меѓувреме се инкорпорираше во целост.
Renault го искористи минатото за да се посвети на иднината, бидејќи новото лого неодоливо потсетува на она кое Renault го претстави во далечната 1972 година. Инаку, ова ново лого ќе биде прифатено на сите нови модели на компанијата почнувајќи од 2022 година, иако истото веќе се користи на сите други канали на француската марка.
Преземено од Avtoplus.mk