Пивара Скопје ја збогати својата општествено одговорна платформа за комуникација со љубителите на пивото, како надополнување на новиот визуелен идентитет на СКОПСКО кој за првпат ќе биде презентиран на годинешниот Пивофест во Прилеп. Проширената платформа ја сочинуваат три активности чија цел е информирање и едукација на љубителите на пивото за потребата од одговорна консумација, со што ќе се придонесе фестивалските денови да поминат во атмосфера на вистинско уживање во пивото, музиката и храната без инциденти, нарушувања на јавниот ред и мир и загрозување на безбедноста во сообраќајот.
Првата активност од оваа општествено одговорна платформа се состои од мерење на нивото на алкохол во организмот со помош на дрегер. Мерењата ќе се извршуваат во текот на сите фестивалски вечери од страна на посебни СКОПСКО промо тимови.
Доколку при мерењето се утврди повисоко ниво на алкохол во организмот од законски дозволената граница од 0,5 промили, тогаш на посетителот ќе му биде даден вредносен купон за такси превоз од компанијата „Де-ни” од Прилеп, кој може да се искористи во периодот од 22:00 до 05:00 часот. Сите оние посетители кај кои ќе се утврди понизок степен од законски дозволената граница, добиваат пригодна награда.
Втората активност има едукативен карактер и се состои од информативни летоци на кои покрај пораката: „Одбери само едно! Не консумирај алкохол доколку возиш”, поставен е и QR код кој доколку биде скениран со помош на мобилен телефон, овозможува директен пристап до интернет страницата на СКОПСКО каде се поставени неколку карактеристични ситуации предизвикани од неодговорна консумација на алкохол, заедно со совети како тие да се избегнат.
Третата активност од оваа платформа се состои од награден квиз. За сите љубители на пивото кои точно ќе одговорат на прашањето, поврзано со одговорната консумација, што се наоѓа на една од наградните картички кои ќе ги делат СКОПСКО промо тимовите, на самото место добиваат пригодна награда.
„Факт е дека доброто пиво значително придонесува за доброто расположение, одличната забава и уживање. Но, вистинските љубители на пивото знаат дека квантитетот и квалитетот не одат секогаш заедно. Како одговорна компанија и водечки домашен пивски бренд, чувствуваме обврска да им помогнеме на сите љубители на пивото вистински да уживаат во годинешниот Пивофест преку промоција на одговорна консумација. Затоа одлучивме преку различни форми на комуникација да им ја пренесеме оваа порака”, изјави Душко Атанасовски, трејд маркетинг координатор, пренесува Макфакс.
СКОПСКО ја отвора годинешната фестивалска сезона со нов севкупен визуелен идентитет кој за првпат ќе биде претставен пред љубителите на пивото на Пивофест.
Тргнувајќи од своето деветдецениско постоење, новото визуелно претставување на СКОПСКО е спој на традицијата – од која СКОПСКО ја црпи својата енергија и вредности – и модерното, на кое се надградува иднината на еден од најпознатите македонски брендови.