Вкупниот број трансакции со платежни картички издадени од домашни издавачи на уредите лоцирани во земјата во 2020 година изнесува 106,4 милиони трансакции и забележа годишен раст од 15,6%. Притоа и во оваа како и во изминатите години, расте структурното учество на бројот на трансакции на физичките места на продажба за 3 процентни поени (п.п.) достигнувајќи 70%, за сметка на намаленото учеството за 6 п.п. на трансакциите за повлекување готовина од банкоматите (23%), покажуваат податоците на Народна банка.
Менувањето на навиките на граѓаните заради условите коишто ги наметна пандемијата на ковид-19 придонесе и за значителен раст на употребата на платежните картички на домашните виртуелни (интернет) места на продажба, коешто изнесува 7%, но е сепак сѐ уште релативно ниско, а мала е и употребата на картичките за депонирање готовина на банкоматите во земјата.
Во 2020 година на уредите лоцирани во земјата, со платежни картички издадени од странски издавачи се извршени 4,4 милиони трансакции (годишен пад од 35,6%). Намалувањето на овие трансакции е очекувана појава поради затворањето на границите и намалените патувања како последица на глобалната здравствена криза. Сепак, од аспект на структурата и навиките на употребата на странските платежни картички во земјата, сѐ уште е видлива нивната сè поголема употреба за плаќања на физичките места на продажба (учество од 73%), при стабилна и непроменета употреба за повлекување готовина од банкоматите (учество од 20%).
Притоа, евидентиран е годишен раст од 4 п.п., односно учество од 7% на употребата на странските платежни картички за плаќање на домашните виртуелни (интернет) места на продажба.
Со платежните картички издадени од домашни издавачи на уредите лоцирани надвор од земјата, во 2020 година се извршени 5,7 милиони трансакции, што претставува значително намалување за 31,5% во однос на минатата година пред сѐ како резултат на затворањето на границите и процедурите за напуштање на земјата во време на пандемија.
За разлика од големата употреба на банкоматите во земјата за подигање готовина со платежните картички од домашните издавачи, но и од странските издавачи, имателите на картички издадени од домашни издавачи при патувањето надвор од земјата не ги користат често странските банкомати и не подигаат значителни износи на готовина (учество од 3% во бројот на вкупните трансакции со картички од домашни издавачи на уреди надвор од земјата). Во услови на пандемија, очекувана е и зголемената употреба на платежните картички од домашни издавачи за плаќање на виртуелните (интернет) места на продажба на странски субјекти (48,4%), коешто забележа раст од 7 п.п. во однос на 2019 година, со што речиси се изедначи со учеството на плаќањата на физичките места на продажба (48,6%).
Фото: Pexels