Опра Винфри, Натали Портман, Џеј Зи… акционери во шведски производител на веганско млеко

Шведска компанија која меѓу акционерите има група на американски ѕвезди од светот на филмот, музика и забава, во иницијалната јавна понуда успеа да собере голема количина на капитал.

Станува збор за шведскиот производител на веганско млеко, Oatly Gropu, којшто успеа да собере 1,4 милијарди долари во иницијална понуда на американскиот пазар на капитал.

Меѓу инвеститорите се телевизиската ѕвезда Опра Винфри, актерката Натали Портман, раперот Џеј Зи и првиот човек на Starbucks, Хауард Шулц, пренесува Ројтерс.

Компанијата соопшти дека преку понудата успеа да продаде 84,4 милиони акции по цена од 17 долари, со што достигна вредност од 10 милијарди долари.

Oatly е компанија чие седиште е во Малме, а е присутна на 20 пазари ширум Европа, Кина и САД. Најпозната е по производите од овесно млеко, а во САД соработува со повеќе кафетерии, меѓу кои е и Starbucks.

Компанијата е основана во 1990-та година од браќата Рикард и Бјорн Есте, а минатата година е докапитализирана со 200 милиони долари.

Фото: Twitter