Глигорова: Супервизорите не управуваат со банките, туку ги оценуваат ризиците преземени од нив

135

Народната банка, како и сите супервизори ширум светот, преку теренско и вонтеренско следење на банките, екс пост, односно откако кредитите се одобрени, врши оцена на ризикот што го презеле банките со одлуките коишто ги донесле. Оценката се врши пред сè преку теренски контроли, коишто согласно со вообичаената меѓународна практика, се спроведуваат на период од една и пол до две години, а во одредени случаи, доколку е потребно и почесто.

Притоа, се избира примерок, односно дел од портфолиото на банката којшто детално се прегледува од страна на супервизорските тимови и се оценува преземениот ризик. Доколку при контролата се утврди дека некоја банка презела преголем ризик, тогаш Народната банка, преку мерките коишто ги изрекува, бара подобро управување со ризикот и клучно, повисок капитал. Дали мерките ќе дадат резултат зависи од тоа дали тие се почитуваат од органите на управување и акционерите на банката.

Ова го истакнува генералната директорка на Секторот за супервизија на Народната банка, Викторија Глигорова, во интервју за порталот Банкарство, посветено на прашања за супервизорската функција на Народната банка.

“Супервизорите и воопшто централните банки не управуваат со банките, не одобруваат кредити и не носат одлуки поврзани со секојдневното работење на банките. Тоа е задача и одговорност на органите на банките, поконкретно на нивните кредитни, управни и надзорни одбори, во кои секако има претставници и на акционерите, односно на сопствениците на банките. Овие органи се задолжени да управуваат со банките, да донесуваат одлуки и да ги добиваат заслугите за позитивните остварувања на банките, но нивна е и одговорноста за управување со преземениот ризик што произлегува од одобрувањето конкретни кредити и нивната наплата, како и за справување и надминување на евентуалните негативни ефекти од донесените одлуки. Токму овие органи одлучуваат за конкретните услови под кои се одобруваат кредитите“, појаснува Глигорова.

Во интервјуто, таа напоменува дека секаде во светот, супервизорските информации за поединечен ентитет се третираат како доверливи и постојат законски одредби и ограничувања коишто го регулираат начинот на нивното објавување.

Глигорова посочува дека во наредниот период Народната банка ќе им посвети внимание на неколку активности чија цел ќе биде приближување до јавноста на супервизијата, начинот на кој таа се спроведува, за нејзината улога, функција и задачи. Една од првичните активности се однесува на организирањето работилница на оваа тема за новинарите, на чие осмислување и подготовка се работеше во изминатиот период.

Исто така, на интернет-страницата на Народната банка, како и преку нашите канали на социјалните мрежи, наскоро ќе започнеме и со објавување едукативни материјали за супервизијата, коишто ќе се потрудиме да бидат разбирливи за сите граѓани. Со овие активности би сакале “тајните на супервизијата”, односно суштината на супервизорските задачи да ги доближиме и до пошироката јавност“, најавува директорката на Секторот за супервизија.

Во интервјуто, таа се осврнува и на контролата на спроведувањето на супервизијата и нејзиниот квалитет, сознанијата за супервизорските активности на централните банки во други земји, како и на постојаното вложување на супервизијата во нашата земја, во соработка и со супервизорите од Европскиот систем на централни банки.