Многу пензионери во земјите од регионот на Западен Балкан припаѓаат на дел од популацијата кое живее во многу тешка социо-економска ситуација, која, како што велат, секоја година станува потешка и понеизвесна.
Репортерскиот тим на Anadolu Agency (AA) го истражуваше нивото на пензиите во земјите од регионот, а официјалните податоци покажуваат дека просечните пензии се највисоки во Хрватска и Црна Гора, а најниски во Босна и Херцеговина и Србија.
Според државните институции, во август Хрватска исплаќала пензии за 1.237.070 граѓани и просекот изнесувал 2.802 куни, или 373,1 евра, што е за 20,3 проценти повеќе отколку во 2013 година, кога изнесуваше 310.
По Хрватска е Црна Гора, каде пензионерите во просек добиваат по околу 293 евра месечно. Податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Црна Гора покажуваат дека просечната пензија во Црна Гора во август 2021 година изнесува точно 293,05 евра, а во земјата има вкупно 114.131 корисник на пензија. Просечната пензија во Црна Гора во однос на 2013 година кога изнесувала 278 евра е повисока за 5,3 отсто.
Во Македонија просечната пензија е 255 евра
Потоа следува Македонија, каде, според Здружението на пензионери на Северна Македонија, просечната исплатена пензија во јуни годинава изнесувала 255 евра (15.705 денари), што е за 77 отсто повеќе од пред осум години кога просечната пензија била 144 евра.
Во Србија, според податоците на Републичкиот фонд за пензиско и инвалидско осигурување на Република Србија, просечната пензија во август оваа година изнесува 29.368 динари, или 249,9 евра. Тоа е за 14,1 отсто повеќе од 2013 година, кога просечната пензија во Србија изнесуваше 219 евра.
Последна е Босна и Херцеговина, каде, според последните податоци, пензионерите месечно добиваат во просек по околу 215 евра, што е за 25,7 отсто повеќе од пред осум години, кога просечната пензија изнесуваше 171 евро.
Според податоците на Федералниот завод за пензиско и инвалидско осигурување, просечната пензија во Федерацијата БиХ во септември годинава изнесувала 428,22 конвертибилни марки или 218,9 евра, а бројот на корисници на пензија изнесува 427.428. Податоците од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Српска покажуваат дека просечаната пензија изнесувала 414,12 ковертиблини марки, односно 211,7 евра.
Пензиите во многу други земји во Европа се многу повисоки од примањата на пензионерите во балканскиот регион. За споредба, просечната месечна пензија во Германија е околу 1.290 евра, во Италија 1.100 евра, Чешка 599,8 евра, Словенија 549 евра…