Утврден увоз на природен гас без платени 90.000 евра царина

56

Трговско друштво од Скопје, носител на лиценца за производство на топлинска и електрична енергија, избегнало плаќање на царински давачки во вкупен износ од околу 5,5 милиони денари, утврди Царинската управа.

Увезениот гас е со вредност од околу 530.000 долари, а со неподнесување на царински декларации за споментата увезена количина, трговското друштво избегнало плаќање на царински увозни давачки во висина околу 90.000 евра при увоз на природен гас (метан) во количина од 1.264.102 нм3 (нормални метри кубни), односно 42.923 ТЈ (тера џули).

Според соопштението на Царинската управа моментот на настанување на царинскиот долг според кој е извршена пресметката на давачки е пресметан врз основа на Актот за примопредавање на природен гас во нм3/ден на месечно ниво за сите шест месеци, кое е утврдено со мерење и пресметка на предавателната станица, а по склучени Договори за пренос на гас за секој месец одделно по денови, потпишан од трите инволвирани страни: продавачот, извршителот на пренос и примачот на гасот, потоа извештајот за квалитет на гас, согласно кој е утврдена и вредноста на гасот, врз основа на кои се издадени фактури со податоци за испорачаните количини на природен гас преку преносниот систем на испорачателот од Скопје.

Со неподнесувањето на увозни царински декларации, увозникот на природен гас бесправно отстранил стока од царински надзор која подлежи на увозни давачки, со што согласно Царинскиот закон настанал царински долг од 5,5 милиони денари, долг кој трговското друштво со Решение на Царинската управа е задолжено да го плати.

“Против трговското друштво Царинската управа ќе поднесе и соодветна пријава“, се вели во соопштението од Царинската управа.