До крајот на годинава ќе никнат уште 14 мали хидроцентрали

24

Вкупната инвестиција во 30-те мали хидроцентрали од кои 16 веќе работат, а 14 треба да бидат пуштени во употреба до крајот на годинава, изнесува четириесет милиони евра.

“Станува збор за сериозна инвестиција. Ова е нов сектор. Досега е завршена огромна работа. Изградени се 16 мали хидроелектрани во период од 1,5 година и до крајот на годината ќе бидат завршени уште 14”, изјави министерот за економија Ваљон Сарачини по денешната средба со инвеститорите.

Сарачини истакна дека средбата е со цел да се слушнат проблемите со кои се соочуваат инвеститорите при реализација на проектот и додаде дека институциите се секогаш отворени за дијалог со инвестоторите.

Самоил Целески претставникот на компанијата Мали хидроелектрани, фирма ќерка на Енерџи истерн Јуроп, посочи дека проблемите беа очекувани со оглед на тоа што првпат се реализираат вакви проекти во земјава, но добро е што истите можат да се решат.

“Проектот продолжува да се реализира. Три мали хидроелектрани веќе се пуштени во употреба, една треба да се пушти за 1,5 месец, други две се во фаза на градба, а има и во фаза на подготовка на проекти. Не очекува уште доста работа”, истакна Целески.

Министерот Сарачини и министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми најавија дека на крајот на овој месец ќе се објави нов тендер за изградба на мали хидроцентрали.

“Предвидени се нови 80 локации и се уште се дискутира дали ќе се објават во еден тендер или ќе се поделат во повеќе”, појасни министерот Адеми.

Министерот додаде дека за да се излезе во пресрет на инвеститорите, во соработка со ИФЦ за изградба на нови малихидроцентрали, ќе се отвори и едношалтерски систем во рамки на Министерството за да може да добијат информации на едно место.