
Централните банки влегуваат во нова фаза од борбата против инфлацијата, а рецесијата би можела да биде цената што креаторите на политиката ќе ја платат во обид да ја достигнат целта од два отсто, сметаат економистите ширум светот.
Главните стапки на инфлација во повеќето економии во светот нагло паднаа од есента, но основните стапки, кои вклучуваат нестабилни категории како што се енергијата и храната, остануваат блиску до нивните највисоки нивоа во последните децении, што значи дека централните банки ќе мора да работат напорно за да ги постигнат своите цели и за да не се уништи економскиот раст на земјите.
– Следната фаза ќе биде потешка и ќе бара поголема болка, а сè уште постои голема веројатност за рецесија во последниот квартал од оваа година – изјави за Фајненшл Тајмс Карл Рикадон, главен американски економист во БНП Парибас.
Во последниот круг на зголемување на каматните стапки, централните банки беа повнимателни и помалку агресивни, па Европската централна банка ги зголеми стапките за четвртина поен, додека американската ФЕД целосно го прескокна зголемувањето. Сепак, и двајцата сигнализираа дека инфлацијата во никој случај не е поразена и најавија натамошни зголемувања во иднина. Банката на Англија, од друга страна, не го забави темпото и ги зголеми стапките за значителна половина поен.
Шефот на германската централна банка, Јоаким Нагел, неодамна предупреди дека инфлацијата е „многу алчен ѕвер“ и дека би било „голема грешка“ да престане да ги зголемува каматните стапки.











