Македонски Телеком и Т-Мобиле на водечката позиција на пазарот и покрај падот на приходите

47

telekomМакедонски Телеком и Т-Мобиле остануваат на водечката позиција на пазарот и во третиот квартал од 2013 година. Продолжува трендот на пораст во интернет и IPTV сегментот, а се намалуваат приходите од говорните услуги во фиксниот сегмент.

Во текот на првите девет месеци од 2013 година, приходите на ниво на Групација изнесуваат 9,5 милијарди денари, што претставува намалување од 20,3% во споредба со истиот период во 2012 година. Во првите девет месеци од 2013 година оперативните трошоци се намалија за 5,6%, додека нето добивката изнесува 1,5 милијарди денари и е намалена за 57,0% споредено со истиот период во минатата година.

Но, и покрај негативните трендови Македонски Телеком според интерните проценки зазема 69,9% од пазарот во сегментот на фиксна телефонија и 52,6% во широкопојасен интернет, со што останува лидер на пазарот.

Наспроти падот на приходите од говорните услуги во фиксниот сегмент, приходите од интернет и дигитална телевизија преку интернет протокол (IPTV) се зголемија за 7,3% во споредба со истиот период од минатата година.  Фокусот на double и triple play пакетите донесе зголемување на DSL корисниците за дури 9,4% со што корисничката база на DSL на крајот од септември 2013 година е 182.000 корисници. Бројот на корисници на фиксната телефонија на крајот од септември 2013 година е намален за 8,2% во споредба со септември 2012 годнина, со што корисничката база изнесува 270.000 корисници.

Иако Македонски Телеком, со IPTV услугата влезе како предизвикувач на пазарот што веќе беше доминиран од страна на операторите на кабелски телевизии, постигна 44,3% зголемување на бројот на IPTV корисници во споредба со крајот на септември 2012 година. Како резултат на квалитетната услуга, интерактивноста и единственото ТВ искуство, корисничката база достигна број од 84.000 корисници на крајот на септември 2013 година.

Т-Мобиле Македонија останува лидер на пазарот на мобилната телефонија со 49% удел (интерна проценка) и покрај силната конкуренција. Намалувањето на приходите во мобилната телефонија најмногу се должи на намалувањето на приходите во говорните малопродажни услуги како резултат на намалувањето на базата на корисници на 1,2 милиони на крајот од септември 2013 година и намалување на просечниот приход по корисник (ARPU) за 8,6%.