Мицкоски најави нови германски инвестиции, очекува растот на БДП да надмине три отсто

63

Премиерот Христијан Мицкоски најави нови германски инвестиции, а најголемата, како што истакна, ќе биде ветерен парк кај Куманово, Ранковце, Крива Паланка и Старо Нагоричане, вредна преку 400 милиони евра. До крајот на годината, според премиерот, две германски компании ќе почнат да вложуваат, едната, веќе присутна во земјава, ќе гради нов производен погон, а другата ќе стартува сосема нова гринфилд инвестиција.

Тој рече дека очекува раздвижување на економијата по забрзаната динамика на капиталните инвестиции и над три отсто раст на БДП во третиот и четвртиот квартал од годината.

Ефектите од економската ситуација во Германија која, според премиерот, не е охрабрувачка, кај нас ќе се почувствуваат, како што рече, веројатно кон крајот на првиот и почетокот на вториот квартал идната година.

– Разговорот со германската Стопанска комора, беше пријатен и би рекол, плоден. Веќе имаме неколку инвестиции во најава. Има една инвестиција во делот на енергетиката, нов ветерен парк – огромна инвестиција во потегот на општините Куманово, Ранковце, Крива Паланка и Старо Нагоричане, германска инвестиција, огромна 400 и нешто милиони евра. Струјата што ќе ја произведуваат, ќе ја продаваат на пазарот. Инаку, состојбата во германската економија не е охрабрувачка, туку е прилично предизвикувачка и очекувам ефектите што сега се случуваат во овој трет квартал во Германија, ние да ги почувствуваме кон крајот на првиот и почетокот на вториот квартал следната година – изјави Мицкоски.
Тој се осврна и на состојбите во индустријата кај нас, нагласувајќи дека последниве два месеца од доаѓањето на новата Влада, бројките се многу подобри.