Азиските берзи во пад, еврото под 1,26 долари

62

На токиската берза индексот Никкеи беше во минус 0,9%, додека цените на акциите во Шангај, Сингапур, Австралија, Хонг Конг и Јужна Кореја, паднаа помеѓу 0,3% и 1,6%.

МСЦИ индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, изутрината беше во минус еден отсто, достигнувајќи најниско ниво за последните пет месеци. Овој индекс ја загуби сета добивка создадена во текот на летото додека инвеститорите се надеваа на нови поттикнувачки монетарни мерки. Како што се ближи состанокот на ЕЦБ инвеститорите се помалку се сигурни дека централната банка ќе биде доволно агресивна во сузбивањето на кризата, како што претходно се надеваа.

„Цените на акциите се во фаза на корекција во пресрет на денешниот самит на ЕЦБ. Надежта за поттикнувачки мерки ги поддржуваше берзите во текот на летото, но сега роковите за одлука истекнуваат, па инвеститорите стравуваат од разочарување, вели аналитичар од банката Credit Agricole CIB.Освен нервозата во врска со ЕЦБ, лошо на берзите делуваа и вчера објавените податоци за падот на индустриската активност во САД, која заедно со податоците за слабеење на индустријата во Кина и еврозоната покажува дека успорува растот на најголемите светски економски локомотиви. Сепак, лошите податоци не делуваа толку депримирачки бидејќи постои можност американската централна банка да наговести натамошно олабавување на монетарната политика.

„Фед веројатно овој месец дополнително ќе ја олабави монетарната политика, но која опција ќе ја избере, зависи од макроекономските податоци. Поради тоа неможе берзите да се покренат во ниту една насока додека не се видат податоците за вработеноста во САД“, вели Јуџи Саито, директор во Credit Agricole.

Извештајот за вработеноста ќе биде објавен во петок, а аналитичарите проценуваат дека во август биле отворени околу 125.000 работни места, но стапката на невработеност останала на 8,3%.

И на валутните пазари владее нервоза во пресрет на седницата на ЕЦБ, па еврото ослабна во таква атмосфера.

Курсот на еврото изутрината изнесуваше 1,2535 долари, додека вчера во оваа време изнесуваше 1,2610 долари. Во однос на јапонската валута, цената на еврото падна од вчерашните 98,80 на 98,25 јени.

Откако вчера падна терминската цена на нафтата на берзата во Њујорк за 1,15 долари, денеска стабилност е движи на 95,30 долари по барел.