
Граѓаните на земјите од Западен Балкан би можеле да комуницираат со своите блиски и партнери во Европската Унија без дополнителни трошоци за роаминг од 1 јануари 2026 година – под услов да се спроведат клучните реформи. Ова денеска го најави еврокомесарката за проширување и добрососедска политика Марта Кос.
Од први јануари 2026 година, ако има реформи земјите од Западен Балкан ќе имаат можност за бесплатен роаминг со Европската Унија. Ова денеска на прес-конференција го најави еврокомесарката за проширување и добрососедска политика Марта Кос, на лидерскиот самит на Европската Унија и земјите од Западен Балкан посветен на Планот за раст во Скопје.
„Денеска зборувавме и за роамингот. Ако навистина работиме трудољубиво, а вие лидерите имате волја да го сторите тоа, ќе има многу реформи кои ќе ги сменат законите и ќе можеме да имаме бесплатен роаминг за земјите од Западен Балкан од 1 јануари 2026. Со тоа, вашите граѓани ќе можат да комуницираат без дополнителни трошоци кога ќе патуваат во земјите од Европската Унија“, кажа еврокомесарката Кос.











