Прилеп ќе добие фабрика за секундарна преработка на отпадот

59

Директорот на јавното комунално претпријатие Комуналец Златко Ристески, информираше дека Прилеп догодина ќе добие фабрика за секундарна преработка на отпадот.

“Линијата е сместена на терминалот. Ги помина царинските формалности. Во текот на 2014 година комплетно ќе ги завршиме изградбата на халата и монтажата на линијата кај сегашната депонија кај селото Алинци. Треба во септември да почне да работи. Ќе обезбеди сиот отпад, 90 тони дневно, да се селектира на таа линија”, изјави Ристески.

Прилепски Комуналец прв во Македонија ја воведе примарната селекција на отпадот од домовите, подели и жолти и зелени канти за селекција на отпадот во домаќинствата. Сега е фазата на инвестирање во секундарната преработка.

“Се заокружува првата фаза на овој голем зафат. Пожелно е градовите сами да инвестираат во примарната и секундарната преработка на отпадот”, вели Ристески.

Повеќе странски компании од Германија, Италија и Австрија, се веќе заинтересирани да влезат во јавно-приватно партнерство, за новата фаза што ќе се заокружува наредните две години – производството на био гасови или електрична енергија од преработката на отпадот. Како што информира Ристески, со нив се разговара и се преговара за едниот или двата система.

“Со изградбата на канализациската мрежа и пречистителната станица наредните две години за третманот на отпадните води и со решавањето на проблемот околу отпадот, Прилеп ќе биде најквалитетен град за живеење во Македонија”, вели градоначалникот Марјан Ристески.