
Конгресот на САД донесе историска одлука, усвојувајќи го првиот федерален закон што ги регулира стабилните монети (stablecoin), давајќи ѝ на крипто индустријата голем поттик и отворајќи ја вратата за поширока употреба на технологијата во секојдневните финансии.
Законот, поддржан од републиканците и активно промовиран од американскиот претседател Доналд Трамп, воведува федерален или федерално-државен надзор на токените „стабилни монети“ кои се врзани за доларот. Овие токени можат да се користат 24 часа на ден и брзо да се пренесуваат помеѓу различни платформи, објави Блумберг.
Поддржувачите на законот тврдат дека тој може да овозможи побрзи и поевтини трансакции, како и да донесе поголем легитимитет на пазарот што моментално вреди 265 милијарди долари и за кој аналитичарите во Ситигруп предвидуваат дека би можел да достигне 3,7 трилиони долари до 2030 година.
Претставничкиот дом го усвои законот GENIUS (скратено од „Водење и воспоставување национални иновации за американската стабилна монета“) со мнозинство гласови од 308 наспроти 122, со значителна демократска поддршка. Сенатот веќе го усвои, па законот сега оди на потпис од Трамп.
Ова претставува голема промена во политиката за криптовалути во САД и означува јасно отстапување од претходниот, многу порестриктивен пристап на администрацијата на Џо Бајден, која сакаше крипто индустријата да биде предмет на правила слични на оние што важат за Вол Стрит.
Трамп, кој постојано најавуваше дека сака САД да станат „крипто престолнина на светот“, одигра клучна улога во конечното гласање за законот, откако некои републикански конгресмени се спротивставија на начинот на кој требаше да се гласа за другите два крипто закони. Трамп лично ги убеди да го одобрат законот GENIUS, по што следеше долго процедурално гласање.
Законот им овозможува на корисниците да ги менуваат своите дигитални пари за вистински пари во секое време без никакви проблеми. Стабилните монети се повеќе се сметаат за нова инфраструктура за меѓународни трансакции бидејќи овозможуваат моментален трансфер на пари без високи банкарски такси и компликации со границите.
Законот се фокусира првенствено на регулирање на стабилните монети, дигитални валути чија вредност е поврзана со американскиот долар. Суштината на стабилноста на овој систем е тоа што издавачот мора да има реални резерви во долари со иста вредност; Ако корисникот купи еден долар „stablecoin“, издавачот мора да задржи еден долар во резерва.