Пиперки по 280 денари и инфлација над 4% – празничната трпеза сè поскапа

Килограм црвени пиперки 280 денари, зелени пиперки 180 денари, крставица над 200 денари за килограм – предпразнично цените повторно одат „угоре“. Овој нов ценовен притисок веќе го измери и Заводот за статистика – во ноември годинава во споредба со истиот месец лани индексот на трошоци на живот се зголеми за 4%. Она што според економистите го пали „црвеното светло“ е растечката базична инфлација.

„Иако инфлацијата во 2025 веќе не е двоцифрена како во периодот 2022–2023, денешното ниво од околу 4% сепак е значително повисоко од нашиот историски просек од околу 2,7%. Тоа укажува дека дел од ценовните притисоци не исчезнаа, туку се прелеаа во внатрешната динамика на економијата. Прво, базичната инфлација останува упорно висока. Официјалните статистики покажуваат дека во јуни 2025 годишната инфлација повторно се искачи на 4,5 %, пред сè поради растот на цените на услугите и прехраната. Падот на енергетските цени веќе не го игра стабилизирачкиот ефект што го имаше претходните години, па затоа и вкупната инфлација се движи поспоро надолу“ – вели за „Локално“ професорот Синиша Наумовски и додава:

„Второ, цените на храната не го следат целосно падот на светските берзи. Европската комисија нотира дека и покрај смирувањето во 2024 година, инфлацијата повторно се забрзува и достигнува 4,4% до август 2025, токму поради покачувањата на храната и услугите. Домашните структурни слабости – ограничена аграрна понуда, ниска продуктивност и скапа логистика – го прават нашиот систем помалку чувствителен на глобалните поевтинувања“.
Целиот текст на Локално.мк