
Слободата на движење за македонските граѓани бележи позитивен тренд на самиот крај на 2025 година. Според најновото ажурирање на престижниот ’Henley Passport Index‘, македонскиот пасош се искачи за четири позиции нагоре, рангирајќи се како 41-ви најмоќен пасош во светот. Со можност за влез во 129 дестинации без визен режим, Македонија покажува солидна меѓународна отвореност, иако сè уште заостанува зад некои од земјите во непосредното соседство
Македонија се најде на 41-то место на најсилните пасоши во светот, според најновото ажурирање на индексот на пасоши Хенли (Henley Passport Index) од декември. Ова е скок на македонскиот пасош во однос на лани, кога беше рангиран на 45 позиција на оваа ранг листа. Највисоко на оваа листа македонскиот пасош беше во 2014 година, кога беше на 36-то место.
Со пристап до 129 земји без добивање виза, Македонија го дели 41-то место со Сaмоа и Тонга.
Во регионален контекст, Македонија е зад Грција (5), Словенија (6), Хрватска (7), Бугарија(12) и зад Србија која е на 35-то место. Зад нас, пак, се Црна Гора (42) Босна и Херцеговина (45), Албанија (46) и Косово (61). Пасошот на САД е на 11 позиција.
Сингапур е сè уште најсилниот пасош во светот, со пристап до 193 земји без потреба од добивање виза. Овој континуитет не е резултат на еднократни политички одлуки, туку долгорочна стратегија насочена кон трговијата, дипломатијата и меѓународната отвореност, што се рефлектира во индексот низ годините.
Јужна Кореја и Јапонија кои се на втората и третата позиција, одржуваат многу високи позиции благодарение на стабилните билатерални односи и силните регионални и глобални врски, додека европските земји продолжуваат да го формираат ‘рбетот на самиот врв на рангирањето.
Дури 21 европска земја се наоѓаат помеѓу четвртото и шестото место, што потврдува дека ЕУ сè уште функционира како еден од најсилните блокови на слободата на движење во светот.
Оваа листа е базирана на податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA), а пасошите се рангирани според бројот на дестинации што нивните носители можат да ги посетат без виза.
Индексот вклучува 199 различни пасоши и 227 различни дестинации за патување.











