
На 10 февруари 2026 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и домашната економија, како и најновите случувања на меѓународните и домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.
Во согласност со тековните економски движења и оценетите ризици од надворешното и домашното окружување, Извршниот одбор одлучи да ја задржи основната каматна стапка на постојното ниво. Така, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 4%. Воедно, на аукцијата на благајнички записи, којашто ќе се одржи на 11 февруари, понудата ќе изнесува 54 милијарди денари, а понудата на наредните аукции ќе се утврдува согласно проектираната промена на ликвидносната позиција на банкарскиот систем на неделна основа. Задржувањето на внимателниот пристап при водењето на монетарната политика произлегува од потребата за стабилизирање на инфлацијата близу до долгорочниот просек, од динамичната кредитна активност, домашните политики коишто влијаат врз побарувачката, како и од присутните надворешни ризици поврзани со тековната неизвесност во светските трговски политики и геополитички тензии. Се очекува дека досегашните измени кај задолжителната резерва, кај макропрудентните мерки во делот на критериумите за квалитетот на кредитната побарувачка, како и одлуките поврзани со управувањето со системските ризици ќе обезбедат дополнителна поддршка за монетарната политика. Комбинираното дејство на овие мерки ќе придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок, како и за ограничување на потенцијалните системски ризици.
Просечната стапка на инфлација за целата 2025 година изнесува 4,1%, под влијание на промените на цените кај базичната и кај прехранбената компонента. Остварувањата кај инфлацијата се близу до октомвриската проекција, но таа и понатаму е над историскиот просек, поради што нејзиното одржливо стабилизирање и понатаму е во фокусот на монетарната политика. Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани претежно во нагорна насока. Ризиците за идната динамика на инфлацијата и понатаму постојат, а се поврзани со променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз агрегатната побарувачка.
На крајот на јануари 2026 година, нивото на девизните резерви изнесува 5.600,5 милиони евра и е повисоко во однос на крајот на 2025 година, што според сите меѓународни показатели за адекватноста на девизните резерви се оценува како соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, остварувањата на менувачкиот пазар во јануари упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери коишто засега се малку пониски од очекувањата за првиот квартал. Податоците за надворешнотрговската размена во четвртиот квартал од 2025 година упатуваат на трговски дефицит којшто е малку повисок од очекувањата според октомвриската проекција.
Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП забрза и изнесува 3,8% на годишна основа, што е малку над оцената во рамките на октомврискиот циклус проекции. Расположливите високофреквентни податоци за четвртиот квартал од 2025 година засега упатуваат на понатамошен раст на економската активност, којшто благо би забрзал според последните проекции. Светската неизвесност, особено поради трговските политики и геополитичките тензии, и натаму претставува најголемиот надворешен ризик за домашната економија. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката на остварување на домашните инфраструктурни проекти се едни од главните фактори за темпото на идниот економски раст.
Во однос на движењата во монетарниот сектор, првичните податоци за депозитите и кредитите на банките за јануари 2026 година упатуваат на натамошно јакнење на депозитната база на банките, но и на динамична кредитна активност, чиишто годишни стапки на раст засега се над очекувањата за првиот квартал од годината.
Општо земено, со одлуката донесена од Народната банка и натаму се задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика, којшто е усогласен со најновите движења кај главните макроекономски показатели и проценетите надворешни и домашни ризици. Надворешните ризици и понатаму постојат, а внимателно се следат и домашните фактори коишто влијаат врз доходот и побарувачката. Народната банка е подготвена да ги користи сите расположливи инструменти за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок.











