ЕУ пазар на труд: Мажите доминираат, жените на скратено време

Во Европската Унија, вработеноста на мажите била за десет проценти поголема од онаа на жените во 2024 година, објави  Евростат.

Статистичката канцеларија на ЕУ наведува дека податоците од пазарот на трудот покажуваат дека стапката на вработеност кај мажите во споменатиот период била 80,8 проценти, а кај жените 70,8 проценти.

Сепак, кога станува збор за вработување со скратено работно време, процентот на жени бил многу поголем (27,8 проценти) од оној на мажите (7,7 проценти).

Истиот тренд е забележан и кај договорите за привремено вработување, каде што учеството на жените од 11,3 проценти е поголемо од учеството на мажите (8,9 проценти).

Најголемиот јаз во вработеноста меѓу половите е забележан во Италија, со 19,4 проценти, Грција (18,8) и Романија (18,1).

Од друга страна, оваа разлика е речиси занемарлива во Финска (0,7 проценти) и релативно мала во Литванија (1,4) и Естонија (1,7).

Разликата во вработеноста меѓу половите во ЕУ е намалена за 1,1 процент помеѓу 2014 и 2024 година.

Овој тренд е забележан во 22 земји од Европската Унија, при што најголем пад е забележан во Малта (13,2 проценти), по што следат Луксембург (7,4), Чешка (4,9) и Франција (0,2).

Во Грција, разликата во бројот на вработени меѓу половите остана непроменета во споменатата деценија (18,8), додека се зголеми во Кипар (2,3), Бугарија (1,4), Романија (0,6) и Италија (0,5).