Денеска ќе започнат градежните работи за ремонт на железничката делница Ногаевци-Неготино на Коридорот 10, на Железничката станица Градско на пругата Велес-Гевгелија.
Потребните финансиски средства за ремонтот на железничката делница во должина од 30.993 метри, изнесуваат 9,4 милиони евра, кои се обезбедени со заем од ЕБОР. По завршување на ремонтот на оваа делница за околу една година, уште 31 километар од Коридорот 10 ќе биде функционален за брзини до 120 кмилометри на час.
Градежните работи ќе ги изведува бугарската компанија ЦК – 13 Холдинг. Последниот ремонт на оваа делницата Ногаевци-Неготино е извршен во 1968 година. И покрај тоа што секоја година имаше зголемени активности во одржување на делницата, во делот на машинските регулирања и подбивања на колосекот честопати беа воведувани намалени брзини на возење од 30 до 50 километри на час.
Од Јавниото претпријатие МЖ Инфраструктура информираат дека со ремонтот на делницата ќе се изврши замена на 30 сантиметри од лошиот земјен материјал, поставување геотекстил и геомрежа, вградување нов квалитетен камен материјал и набивање со минимален модул на стисливост од 40 мегапаскали. Се предвидува да се изврши комплетна замена на старите дрвени прагови со армирано-бетонски преднапрегнати прагови. Исто така, комплетно ќе бидат заменети постоечките шини од типот S-49 со нови од типот UIC-60. Шините, што првпат ќе се применат на пругите на Македонски железници овозможуваат поголема трајност и стабилност на колосекот и зголемен осовински притисок на колосекот од 250 килоњутни. Ќе бидат заменети изолираните лепени состави со нови. На целата делница шините и изолираните состави ќе бидат заварени во долги шински ленти. Ќе се изврши целосно прочистување на загадениот толчаник со просејување и ќе се изврши дополнување со нов.
Се планира да се изврши санација на долниот строј на должина од 2.890 метри. Постоечките 6 патни премини во исто ниво ќе бидат изработени со современ горен строј од рециклирана гума и асфалтни приоди во должина од по 20 метри од осовината на колосекот, со што значително ќе се подобри безбедноста при поминување на патните возила преку премините. Ќе се изврши заштита од ерозија и одронување на постојните косини на делницата Криволак-Кукуричани со мрежи, анкери и габиони.
Пероните на стојалиштата во Ногаевци, Стоби и Црвени брегови и во станиците Градско, Кукуричани и Криволак ќе бидат реконструирани со вградување на армирано-бетонски елементи. Во станиците Криволак, Кукуричани и Градско ќе бидат заменети вкупно 8 влезни свртници тип S-49-300-6º со нови тип UIC-60-300-6º, поставени на армирано-бетонски преднапрегнати прагови. Ремонт на горниот строј и санација на долниот строј ќе се изврши и на пролазните колосеци во станиците Криволак, Кукуричани и Градско.