
Странски иматели на платежни картички за купување производи и услуги од македонски е-трговци во 2025 година потрошиле 52 милиони евра, што е пораст од 40,4 отсто во споредба со 2024 година. Вредноста која странските онлајн купувачи ја направиле кон домашните е-трговци е остварена во 2,3 милиони трансакции што е за 39,4 проценти повеќе во однос на 2024 година. Од вредноста на вкупно направените трансакции од странци кон македонски е-трговци во 2025 година 52,6 отсто припаѓаат на иматели на платежни картички од девет земји, информира Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АТЕМ, согласно податоците објавени од Народната банка.
Од АТЕМ посочуваат дека 7,3 милиони евра или 14 отсто од вредноста на трансакциите се направени од иматели на платежни картички издадени во САД, потоа 5 милиони евра од Швајцарија и 3,6 милиони евра од Германија. Потоа следат Турција со 3,4 милиони евра Ирска со 2,5, Бугарија со 1,3, Обединетото Кралство со 1,2 милиони евра и Србија со 1,1 милиони евра. Најголем пораст на вредноста на трансакциите во споредба со 2024 година од 94,4 отсто е остварен од турските иматели на платежни картички, а потоа следатгерманските иматели на платежни картички со раст од 55 отсто.
Најголем број односно 252,6 илјади е-трансакции направиле странските иматели на платежни картички од САД купувајќи од македонски е-продавници, а потоа 144,3 илјади од Србија, додека најголем пораст на бројот на е трансакциите во 2025 година во однос на претходната година е забележан од турските иматели на платежни картички од 115,7 проценти.
Што се однесува до просечната вредност која странските иметели на платежни картички ја направиле кон домашните е-трговци се движи од 44,5 евра направени од Бугарија до 8,1 евра од Србија. Од САД, Турција, Ирска и Бугарија просечната трансакција е намлена во однос на 2024 година.
Податоците покажуваат дека македонската е-трговија станува сè поатрактивна и за странските купувачи, со значителен раст и во вредноста и во бројот на трансакции. Во 2025 година, странските иматели на платежни картички потрошиле 52 милиони евра кон македонските е-трговци, што претставува раст од 40,4 отсто, додека бројот на трансакции достигна 2,3 милиони, со пораст од 39,4 отсто. Ова укажува на стабилен и паралелен раст, што значи дека зголемувањето не се должи само на поголеми износи, туку и на зголемена активност на странските купувачи, изјави преседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Нина Ангеловска Станков.
Според неа, географската структура покажува дека најголем дел од вредноста доаѓа од неколку клучни пазари, при што САД се издвојуваат со најголемо учество, следени од Швајцарија и Германија, додека значајно учество имаат и Турција, Ирска, Бугарија, Обединетото Кралство и Србија.
„Особено е значаен растот кај Турција и Германија, што укажува на продлабочување на трговските врски и зголемена видливост на македонските е-продавници на овие пазари. Истовремено, структурата на трансакциите покажува разлики во однесувањето на купувачите по земји. Додека купувачите од САД генерираат најголем број трансакции, кај одредени пазари како Србија се забележува понизок просечен износ по трансакција, што укажува на почести, но помали купувања. Од друга страна, намалувањето на просечната вредност кај дел од пазарите како САД, Турција и Ирска укажува на зголемена фреквенција на купувања и поширока достапност на поевтини производи и услуги. Генерално, овие трендови покажуваат дека македонската е-трговија постепено се интегрира во меѓународните текови, привлекувајќи купувачи од различни пазари, но и дека постои потенцијал за понатамошен раст преку подобрување на конкурентноста, видливоста и довербата во домашните е-продавници“, додаде Ангеловска Станков.
Географската распределба на странските трансакции кон македонските е-продавници, како што кажа, не секогаш директно го одразува профилот на крајните купувачи, туку често е поврзана со миграциски текови, дијаспора и локацијата на издавање на платежните картички. Земјите како САД, Швајцарија и Германија, кои учествуваат со значителен дел од вредноста на трансакциите, во голема мера се поврзуваат со македонската дијаспора. Овие трансакции најчесто се интерпретираат како купувања направени од иселеници за свои блиски во Македонија, особено за категории како подароци, потрошни производи, услуги или резервации. Кај Ирска, ситуацијата е понијансирана. Иако постои македонска дијаспора, значајниот обем на трансакции може делумно да се објасни и со тоа што голем број меѓународни дигитални платформи и финтек компании имаат седишта токму во Ирска. Тоа значи дека дел од трансакциите може да се процесираат преку ирски платежни институции, иако крајниот купувач не е физички лоциран таму. Дополнително, можно е и учество на странски корисници (не само Македонци) кои купуваат специфични услуги од македонски компании, особено во дигиталниот сектор. Кај Турција, растот на трансакциите и вредноста упатува на комбинација од фактори: зголемена економска поврзаност, географска близина, како и можен интерес за специфични услуги или производи што ги нудат македонските е-трговци. Дополнително, дел од трансакциите може да се поврзат и со бизнис-релации или прекугранични услуги.
„Генерално, може да се заклучи дека кај дел од земјите доминира дијаспората како двигател на онлајн купувањата, додека кај други, како Ирска, значајна улога имаат структурните фактори поврзани со глобалната распределба на дигиталните платформи и платежната инфраструктура, што влијае врз географската распределба на трансакциите“, посочи Ангеловска Станков.











