Царина го воспостави новиот компјутерски транзитен систем

44

Царинската управа воспостави нов компјутерски транзитен систем кој ќе овозможи поедноставна постапка со скратување на трошоци и време за претпријатијата. Новиот систем ќе почне да се употребува од 1 јануари 2014 година, а ќе биде задолжителен за сите компании од 1 март.
Директорот на Царинската управа, Ванчо Каргов, на денешната презентација рече дека системот ќе овозможи движење на стоки во транзитна постапка меѓу кои било две места во кои било земји членки на Конвенцијата за заеднички транзит со користење на една единствена транзитна декларација.
Каргов најави дека како Царинска управа на Република Македонија, ќе поднесат иницијатива за да станат членови на Конвенцијата за заеднички транзит и очекуваат тоа да се случи во текот на следната година.
Тој појасни дека со добивањето на овој статус, економските оператори ќе имаат поголема сигурност и побрз транспорт.
“Нашите производи без никаков непотребен застој ќе ги минуваат границите со една единствена електронска декларација”, изјави Каргов.
Во Македонија на годишно ниво се извршуваат 400.000 транзитни операции, а половина од нив започнуваат и завршуваат на граничните премини со една од земјите членки на Европската унија. Во моментов во проектот се вклучени 32 земји кои поврзуваат 2.300 цариски испостави во Европа.