Волстрит: Индексите паднаа

На Волстрит, S&P 500 падна трет ден по ред во вторникот, како и индексот Nasdaq, бидејќи инвеститорите се загрижени за високата инфлација и зголемувањето на приносите на државните обврзници, а технолошкиот сектор е под најголем притисок.

Индексот Dow Jones изгуби 0,65 проценти, на 49.363 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,67 проценти, на 7.353 поени, а Nasdaq за 0,84 проценти, на 25.870 поени.

Падот на S&P 500 и Nasdaq трет ден по ред е последица на стравот на инвеститорите од понатамошен раст на инфлацијата, со оглед на тоа што цените на нафтата сè уште се движат на покачени нивоа.

Во САД, инфлацијата достигна највисоки нивоа во последните три години, па инвеститорите стравуваат дека американската централна банка може да ги зголеми каматните стапки на крајот од годината.

Нема значајни вести во „преговорите“ меѓу САД и Иран за завршување на војната. Затоа, Ормутскиот теснец, клучен пат за извоз на нафта од Блискиот Исток, останува затворен за сообраќај, што ги поддржува зголемените цени на „црното злато“.

Приносите на американските државни обврзници значително растат во последните денови, а вчера 10-годишните обврзници достигнаа 4,68 проценти, највисоко ниво од јануари минатата година. Тоа покажува дека инвеститорите бараат побезбедно засолниште за капиталот бидејќи очекуваат повисока инфлација и зголемување на каматните стапки.

„Нема големи вести што би нè убедиле дека војната на Блискиот Исток наскоро ќе заврши. Додека не се случи ништо големо на тој фронт, цените на нафтата ќе останат високи, како и приносите од обврзниците. Затоа берзата е под притисок во последните денови“, објаснува Мајкл Џејмс, директор во „Розенблат секјуритити“.

Во исто време, технолошкиот сектор е под најголем притисок. Од 30 март, кога падна на најниското ниво од почетокот на војната меѓу САД и Иран, индексот S&P 500 порасна за повеќе од 18 проценти, а Nasdaq за околу 28 проценти до минатата недела, благодарение најмногу на оптимизмот на инвеститорите во врска со развојот на вештачката интелигенција.

И додека некои аналитичари веруваат дека цените на акциите во секторот се превисоки по силниот раст во последните недели, други тврдат дека сè уште има простор за нивен раст.

Берзите се исто така претпазливи бидејќи Nvidia, најголемиот светски производител на чипови за вештачка интелигенција, ќе ги објави своите квартални деловни резултати во среда навечер. Се очекува силен раст на приходите и профитот, а овие резултати би можеле значително да влијаат на насоката на цените на акциите во технолошкиот сектор, а со тоа и на целиот пазар.