
Во првиот квартал, германската индустрија ги зголеми приходите за прв пат од 2023 година, но во исто време продолжи со масовни отпуштања, според податоците од консултантската фирма EY.
Бројот на вработени во индустрискиот сектор се намали на 5,3 милиони на крајот од првиот квартал, соопшти EY во извештај базиран на официјална статистика.
Ова е пад од 2,3 проценти, или 127.300 помалку работни места во споредба со истиот период од претходната година.
Најголем број отпуштања имаше во автомобилската индустрија, која елиминираше околу 32.000 работни места. Машинското инженерство следи со елиминирање на 22.000 работни места, додека металуршката индустрија го намали бројот на вработени за 8.800 во претходните 12 месеци.
Во исто време, истакнува EY, по 10 последователни квартали на пад на приходите, поради скапата енергија и работна сила, односно сè пожестоката конкуренција од Кина и американските тарифи, индустријата ги зголеми своите приходи за прв пат на почетокот на оваа година.
Во првиот квартал, приходите беа малку повисоки од 531 милијарда евра, што е за 1,7 проценти повеќе во однос на последните три месеци од минатата година.
Најголемиот дел од растот го постигна металуршката индустрија, со зголемување на приходите од 18 проценти и скок на извозот од 28 проценти на годишна основа. Мал раст е забележан во автомобилската индустрија, 2,1 процент, и електроиндустријата, 1,4 проценти.
„Следните месеци ќе покажат дали растот во неколку поединечни сектори е само мал момент или почеток на вистински пресврт“, рече партнерот на EY Германија, Јан Броерхилкер.
Во секој случај, Брорилкер очекува трендот на намалување на работната сила да продолжи, бидејќи одредени сектори продолжуваат да страдаат од сериозен вишок капацитет.
Имено, многу компании не размислуваат само за заштеди, туку и за затворање на цели фабрики.










