
Вили на вода, „бесконечни“ базени и приватни плажи на акција – поради падот на пристигнувањата на странски туристи, хотелите во Дубаи се свртеа кон локалните жители кои, поради војната на Блискиот Исток, сега конечно можат да си дозволат таков луксуз.
На вештачкиот остров Палм Џумеира, симбол на луксузот на емиратот во Персискиот Залив, пространото лоби на петѕвездениот хотел за време на викендите и празниците повторно регистрира одредена живост благодарение на приливот на гости од самите Обединети Арапски Емирати, пишува Франс Прес.
Дубаи го спасува туризмот со ниски цени: Добија нова клиентела
Граѓаните и имигрантите на Емиратите, со оглед на тоа што странците сочинуваат околу 90 проценти од населението, беа привлечени од невидени промотивни понуди.
„Никогаш не сум престојувал во хотел на Палм бидејќи цените беа огромни“, вели Фади Искандарани, либански лекар кој живее во Дубаи веќе пет години, а викендот го поминал со својата партнерка во една од бројните резиденции на тој остров во облик на палма.
Атмосферата сигурно не е како во најпосетуваните денови, бидејќи неколку ката од хотелот беа затворени поради „недостаток“ на туристи, но докторот е задоволен – благодарение на цената за жителите, која е четири пати пониска од вообичаената цена, „луксузот во Дубаи стана достапен“.
Со 19,5 милиони туристи во 2025 година, Дубаи беше една од водечките регионални дестинации. Неговите 827 хотели, од кои 173 имаат пет ѕвездички, во тоа време забележаа просечна пополнетост од над 80 проценти.
Но, војната што Израел и Соединетите Американски Држави ја започнаа на 28 февруари против Иран, а која се прошири и во регионот на Заливот, сериозно го потресе угледот на безбедноста на тој емират, пишува француската новинска агенција.
Откако прекинот на огнот стапи на сила на 8 април, некои туристи се вратија, но тој тренд е сè уште ограничен, рече Мајкл Робинсон, директор на хотелот „Анантара Палм“, уште еден луксузен имот на Палм.
Со своите вили над вода, вештачки лагуни и декор инспириран од Тајланд, овој хотел се полни и со локални жители, нудејќи им попусти до 50 проценти.
„За време на викендите, особено во сабота навечер, редовно надминуваме 90 проценти исполнетост“, објаснува Робинсон. Но, од понеделник до четврток, таа стапка паѓа на 20 до 30 проценти.
Нова клиентела
Новата клиентела е спас за хотелиерите, иако им носи и голем број логистички предизвици, особено во однос на паркирањето, бидејќи локалните жители најчесто пристигнуваат со лични возила. Сепак, јазот во приходите не може целосно да се компензира.
„Главната разлика е должината на престојот“, нагласува Робинсон. „Локалните гости доаѓаат една или две ноќи, додека меѓународните туристи остануваат една недела, десет дена, а понекогаш дури и две недели.“
Засега, благодарение на локалните посетители, „Анантара Палм“ успева да ја одржи профитабилноста без да отпушта работници, додава тој.
Некои хотели одлучија да го искористат падот на активноста за привремено да ги затворат своите врати и да започнат со реновирања, како што е случајот со иконскиот Бурџ Ал Араб. Други прибегнаа кон намалување на бројот на вработени или намалување на платите, особено објектите во центарот на градот кои се значително повеќе зависни од деловниот туризам.











