Технолошкиот сектор го стабилизира Волстрит, европските берзи во минус

На Волстрит, индексот S&P 500 порасна во понеделник, како и Nasdaq, што главно се должеше на корекција на цените на акциите на технолошките компании, по остриот пад во петокот.

Индексот Dow Jones изгуби 0,16 проценти, на 50.786 поени, додека S&P 500 порасна за 0,30 проценти, на 7.405 поени, а Nasdaq за 0,86 проценти, на 25.929 поени.

Растот на S&P 500 и Nasdaq е благодарение на корекцијата на цените на акциите на технолошките компании. Откако падна за 5,8 проценти во петокот, индексот S&P 500 на технолошкиот сектор вчера порасна за 1,5 проценти.

Индексот на полупроводници PHLX скокна за 5,6 проценти откако падна за повеќе од 10 проценти во петокот, што е неговиот најголем дневен пад од март 2020 година, со повеќе од 1 трилион долари вредност избришани од пазарот.

„Се чини дека некои инвеститори процениле дека, по остриот пад во петокот, постои добра можност за купување технолошки акции. По ваквите падови, аналитичарите обично препорачуваат купување“, објаснува Рик Меклер, партнер во Cherry Lane Investments.

Тој исто така додава дека пазарот е вреднуван до совршенство веќе некое време, но дека времињата сигурно не се совршени.

„Во таква средина, ќе видите подеми и падови, како и стравувања дека цените на акциите се превисоки“, заклучува Меклер.

Благодарение на еуфоријата во однос на развојот на вештачката интелигенција, технолошкиот сектор, а особено секторот на производители на чипови, со години е водечки на пазарот по раст.

Затоа, некои аналитичари сметаат дека цените на акциите во тој сектор се превисоки, додека други сметаат дека сè уште има простор за раст на цените.

И на повеќето европски берзи, цените на акциите вчера паднаа. Сепак, лондонскиот индекс FTSE се зајакна за 0,05 проценти, на 10.373 поени, но франкфуртскиот DAX се лизна за 0,58 проценти, на 24.616 поени, а парискиот CAC за 0,23 проценти, на 8.199 поени.