
Неосновани исплати поради пропусти во системот за остварување и исплата на права од социјална заштита, утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР). Како што информира, слабостите во системските контроли и размената на податоци меѓу институциите и недоволната ажурност и проверка на податоците за корисниците, придонеле да се исплаќаат социјални права без целосно исполнување на законските услови при што е нанесена штета на државниот Буџет.
Според ревизорите, во текот на 2024 година за социјални парични надоместоци и здравствена заштита биле исплатени вкупно 10 003 289 денари, што е околу 162,1 милиони евра за просечно 113 666 корисници. Ова претставува дури 15 отсто од вкупните расходи на Министерството за социјална политика, демографија и млади (МСПДМ), при што во изминатите три години овие исплати забележале растечки тренд од 30 отсто.
Поради слабости во системските контроли и слаба размена на податоци преку интегрираниот информациски систем СПИЛ, ревизорите откриле случаи на двојна наплата.
За само една година, 235 корисници истовремено користеле и права од социјална заштита и пензија, со што неосновано биле исплатени 14 536 005 денари или околу 236 илјади евра. Од овие средства 10,7 милиони денари неосновано завршиле кај 190 корисници на гарантирана минимална помош, 3,3 милиони денари биле исплатени по основ на правото на социјална сигурност на 40 стари лица и 426 илјади денари биле доделени како траен надоместок на пет корисници.
Поради слабости во системските контроли и размената/преземање на податоци по службена должност за 2024 година ревизорите утврдиле 235 корисници кои истовремено, стекнале, односно користеле и права од социјална заштита и пензија, за што неосновано исплатени се 14.536 илјади денари, односно околу 236 илјади евра од кои:
- 10.763 илјади денари на 190 корисници по основ на гарантирана минимална помош,
- 426 илјади денари по основ на траен надоместок на 5 корисници и
- 3.347 илјади денари по основ на правото на социјална сигурност на старите лица кај 40 корисници.
Дополнително, ревизорите утврдиле дека ЦСР и Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија (АВРСМ) не ја спроведуваат ефикасно законската обврска за изработка и следење на индивидуални планови за активација на невработените корисници на гарантирана минимална помош (ГМП). Плановите се изработуваат во многу мал обем, најчесто рачно наместо електронски, без функционална соработка, координатори и редовни средби меѓу институциите. Поради ограничени човечки ресурси и недоволна координација, не се преземаат доволно активности за работна активација и вклучување на корисниците на ГМП на пазарот на труд, што придонесува за долгорочна зависност од социјална помош и намалена ефикасност на системот.
Ревизорите утврдиле и слабости и невоедначено постапување во процесот на враќање на неосновано исплатени средства од социјална заштита. МСПДМ нема донесено јасни упатства и процедури за склучување и следење на спогодбите за враќање на средствата, поради што ЦСР различно ги утврдуваат роковите, бројот и висината на ратите. Најголем дел од ЦСР немаат воспоставено уредна евиденција за побарувањата и наплатата.
Исто така, не постои системско следење на уплатите и вратените средства, ниту координација помеѓу МСПДМ и ЦСР, што создава ризик од ненавремена и нецелосна наплата. Иако се поведуваат судски постапки за наплата, во пракса побарувањата тешко се наплатуваат бидејќи примањата од социјална заштита се изземени од извршување, па корисниците (по определен временски период) повторно можат да остварат право на социјална помош додека долговите остануваат ненаплатени.
Секторот за социјална заштита при МСПДМ не врши анализа на податоците од ЦСР и не ја реализира во целост својата улога во креирање и следење на социјалните политики, што влијае врз квалитетот и ефикасноста на системот.
Воедно, ревизорите утврдиле несоодветни услови за чување и заштита на документацијата во службите за парична помош на МЦСР Скопје. Поголем дел од службите се сместени во бараки со лоши услови за работа и несоодветни простории за прием на странки, а документацијата се чува по ходници и канцеларии, во картонски кутии и регистратори, без соодветна заштита. Оваа состојба не е во согласност со Законот за архивско работење и создава ризик од оштетување, губење или уништување на документацијата, како и недостоинствени услови за работа и прием на граѓаните.
Инспекцискиот надзор при МСПДМ не се спроведува врз основа на целосна евиденција на проценката на ризик, не ги опфаќа сите права со редовен надзор, а намалувањето на редовните инспекции за сметка на вонредните создава можност од намалување на неговата ефикасност во откривање и спречување на неправилности.
Во делот на Нагласување на прашања ревизорите известуваат за нерамномерна распределба и оптовареност со предмети на кадровските ресурси по ЦСР, како и за покренати постапки пред надлежните органи поради незаконитости и сомнеж за неосновани исплати при остварување на правото на социјална сигурност за стари лица.
Во Останати прашања известено е за недоволната прецизност во Законот за социјалната заштита во делот на спроведување на непосредниот увид во домаќинствата што може да доведе до нееднаква примена и одолговлекување на постапките, додека пак Законот за социјална сигурност на старите лица не содржи јасна одредба за враќање на неосновано примени средства, што создава правна недореченост и ризик од неправилна употреба на буџетски средства. Известивме и за преклопување на корисничката основа помеѓу надоместоците за попреченост, помош и нега од друго лице и услуги во домот како и за отсуство на системска размена или преземање на податоци по службена должност за лицата кои работат без заснован работен однос или престојуваат во странство.











