Грчки рецепт или македонски состаноци: Eден ист производ од Струмица до Скопје поскапува за пет пати

Додека грчката Влада обезбеди договор со трговските синџири и прехранбената индустрија во јули и август да нема нови поскапувања, во Македонија властите и натаму разговараат со трговците, производителите и дистрибутерите и анализираат какви мерки да преземат. По средбите со најголемите трговски синџири, Владата како цел го постави годишниот раст на цените на основните прехранбени производи во јули да биде под три проценти. Најавени се засилени контроли од Државниот пазарен инспекторат и анализа на набавните и продажните цени, но засега нема објавена листа на производи што треба да поевтинат, ниту конкретни рокови и санкции за трговците доколку не ги намалат цените.

Во меѓувреме, притисокот врз семејните буџети продолжува. Според податоците на Сојуз на синдикатите на Македонија, на едно четиричлено семејство во јуни му биле потребни најмалку 68.654 денари за покривање на основните месечни трошоци, што повторно ја отвори дебатата за потребата од поефикасни мерки за заштита на животниот стандард.

-Грција веќе донесе конкретни мерки и обезбеди договор со трговците за стабилизирање на цените, а кај нас уште од почетокот на годината се зборува за анализи, состаноци и можни мерки. Во меѓувреме, цените на храната се зголемија за меѓу пет и седум проценти, а синдикалната минимална потрошувачка кошница од почетокот на годината е повисока за околу 5.000 денари. Од друга страна, просечните плати се зголемија за околу 1.600 денари, но тој раст одамна е изеден од инфлацијата и граѓаните не чувствуваат реално подобрување на животниот стандард, изјави за „Локално“, Љупчо Радовски од ССМ.

Според него, огромната разлика меѓу откупните и малопродажните цени покажува дека проблемот лежи во високите трговски маржи.

-Не е нормално земјоделски производ што во Струмица се продава за 20 денари, во Скопје на пазар или во маркет да достигнува цена од 80 или 100 денари. Тоа покажува дека маржите се превисоки и дека товарот од поскапувањата најмногу паѓа врз граѓаните. Потребни се многу посериозни контроли и конкретни мерки за да се спречи ваквата практика и да се заштити животниот стандард, нагласи Радовски.

Тој предупредува дека најавите за инфлација под три проценти не смеат да се претставуваат како гаранција дека цените ќе се намалат. За граѓаните најважно е колку плаќаат на каса секој ден, а не статистиката, порача Радовски.