Над 50% од вработените во Македонија примаат до плата 36.900 денари, просекот е недостижен сон

Иако просечната нето-плата континуирано расте и често се користи како показател за подобрување на животниот стандард, податоците на Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат дека овој статистички показател не ја отсликува реалната состојба на најголемиот дел од работниците во државата. Според анализата на ССМ, бројот на работници кои примаат плата во висина на просечната плата е речиси занемарлив. Во зависност од месецот, таква плата земаат од нула до само 11% од работниците, што, според синдикатот, покажува дека просечната плата е статистички просек, а не износ што го примаат најголемиот дел од вработените.

Податоците покажуваат дека околу 72 до 74 проценти од работниците примаат плата до нивото на просечната, додека само 26 до 28 проценти имаат примања повисоки од просекот.

-За поголем дел од вработените просечната плата останува недостижна, а не нивна секојдневна реалност. Меѓу 50 и 58 проценти од сите вработени примаат плата до 36.900 денари, односно минимална плата или плата блиску до минималната. Ова покажува дека најголемиот дел од работниците се наоѓаат во најниските платни групи, што директно влијае врз животниот стандард и можноста од сопствените приходи да се обезбеди достоинствен живот, изјави за „Локално“, Иван Пешевски од ССМ.

Податоците на Синдикатот покажуваат дека, и покрај растот на просечната плата во последните години, нејзината куповна моќ останува ограничена. Според нивните пресметки, просечната плата покрива само околу 60 проценти од вредноста на синдикалната минимална кошница, што значи дека ниту работниците со просечни примања не можат целосно да ги покријат основните трошоци на едно семејство.

„Просечната плата ја зголемува релативно мал број работници со значително повисоки примања, најчесто во информатичката индустрија, финансискиот сектор, телекомуникациите, енергетиката, дел од јавните претпријатија и на менаџерските позиции. Токму овие високи плати го подигаат просекот, додека најголемиот број работници остануваат со значително пониски примања“, вели Пешевски