Силна доверба во фармацевтскиот гигант: Четворица директори на „Алкалоид“ купија акции од компанијата

Четворица членови на Управниот одбор на фармацевтскиот гигант „Алкалоид АД Скопје“ ги зголемија своите акционерски удели преку нови трансакции реализирани на Македонската берза.

Претседателот на Управниот одбор и генерален директор, Живко Мукаетов, купи 277  акции издадени од компанијата.Тој сега поседува вкупно 131.777 обични акции, што претставува 9,21 процент од вкупниот број акции во „Алкалоид АД Скопје“.

Членот на Управниот одбор и директор за акционерство и имотни прашања, Ѓорѓи Јованов, се стекна со 100 нови обични акции. По реализацијата на оваа трансакција, тој сега поседува 0,44 проценти од вкупниот број издадени акции во компанијата.

Нови 100 акции докупи и членот на Управниот одбор и директор на Службата за општи работи и логистика, Ќире Ицев. Со оваа трансакција, Ицев сега поседува 0,70 проценти од вкупниот број издадени акции во фармацевтскиот гигант.

Во исто време, сопственичкото портфолио го зголеми и членот на Управниот одбор и директор на Финансии, Виктор Стојчевски, кој купи 126 акции. По оваа заделка, Стојчевски поседува вкупно 0,73 проценти од вкупниот број акции во „Алкалоид АД Скопје“.

Кога клучните луѓе на компанијата вложуваат личен капитал во нови акции, тоа испраќа јасна порака до инвеститорите и јавноста за финансиската стабилност, добрата корпоративна стратегија и долгорочниот потенцијал за раст