
НЛБ Банка Скопје и Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија (СЗПМ) воспоставуваат поблиска соработка официјализирана преку Меморандум, а со цел заеднички да придонесат кон поголема финансиска сигурност, информираност и едукација, и активен живот на пензионерите во земјата.
Меморандумот за соработка го потпишаа Тони Стојановски, претседател на Управниот одбор и Катерина Јанковиќ член на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, а во името на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, претседателката Станка Трајкова.
Соработката е насочена кон подобро разбирање на потребите и предизвиците со кои се соочуваат пензионерите, како и кон развој на активности што ќе придонесат за нивна поголема економска стабилност, информираност и активно учество во заедницата.
„За нас, оваа соработка е пред сè израз на нашата заложба да придонесуваме во заедницата, со должна почит кон луѓето од третото доба и кон нивната улога во општеството. Веруваме дека преку континуиран дијалог со пензионерската заедница можеме подобро да ги разбереме нивните реални потреби и да креираме активности што ќе им донесат конкретна поддршка. Особено внимание ќе посветиме на дигиталната инклузија, преку финансиска едукација, запознавање со дигиталните продукти и новите технологии, како и поддршка на пензионерите за поедноставно, побезбедно и посамостојно користење на современите банкарски решенија”, истакнува Тони Стојановски, претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје.
„Овој Меморандум претставува значаен чекор кон воспоставување уште поблиска и посодржајна соработка во интерес на пензионерите. За нас е особено важно што преку ова партнерство се отвора простор за активности кои ќе придонесат за поголема информираност, финансиска едукација и полесен пристап до современите банкарски услуги, но и за конкретна поддршка преку донации и иницијативи насочени кон унапредување на социјалниот живот на пензионерите”, потенцира Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија.
Соработката ќе се реализира преку заеднички активности, средби и иницијативи и вклучување на здруженијата на пензионери од целата земја. На овој начин НЛБ Банка Скопје и СЗПМ ќе работат на создавање содржини и активности што одговараат на реалните потреби на пензионерската заедница.














