
„СпејсИкс“ на Илон Маск преговара со сопствениците на телекомуникациска инфраструктура за пристап до најмалку 80.000 локации на базни станици низ САД, објави „Блумберг“, повикувајќи се на неименувани извори запознаени со разговорите.
Ваквите договори би го отвориле патот за SpaceX да го изгради четвртиот национален мобилен оператор во САД, покрај AT&T, Verizon и T-Mobile. Еден од учесниците во преговорите е Crown Castle, еден од најголемите сопственици на антенски кули во земјата, објавува Ројтерс.
Половина од сите столбови во САД
Според Здружението за безжична инфраструктура, 80.000 локации сочинуваат околу половина од 158.500 наменски изградени антенски кули што работеле во САД минатата година.
Crown Castle поседува околу 40.000 столбови, American Tower околу 42.000, додека приватната компанија Vertical Bridge има приближно 18.000.
Аналитичарите на TD Cowen проценуваат дека изградбата на национална копнена мрежа би чинела повеќе од 80 милијарди долари и би траела со години.











