Дури 99,999 проценти од златото се наоѓа на едно место – но до него не можеме да стигнеме

Најголемиот дел од златото на Земјата не е во рудниците, трезорите или банките, туку длабоко под нашите нозе, заробено во јадрото на планетата.

Ново истражување покажува дека мал дел од тој материјал можеби сепак го наоѓа патот кон површината, но не на начин што би можел да ја промени иднината на рударството. Наместо тоа, откритието на научниците нуди нов увид во функционирањето на внатрешноста на Земјата.

Геохемичари од Универзитетот во Гетинген ги објавија во списанието „Нејчр“ резултатите од истражувањето кои укажуваат на тоа дека материјалот од јадрото на Земјата може да стигне до обвивката, а потоа и до вулканите на Хаваите. Тимот предводен од Нилс Меслинг и Матијас Вилболд пронајде хемиски траги кои посочуваат дека границата меѓу јадрото и обвивката не е целосно затворена, како што долго се веруваше.

Пред повеќе од 4,5 милијарди години, најтешките елементи како златото, платината и рутениумот потонале кон центарот на планетата. Тој процес, познат како диференцијација на јадрото и обвивката, довел до тоа повеќе од 99,999 отсто од вкупните резерви на злато да останат заробени околу 3.000 километри под површината. Поради тоа, златото во Земјината кора е релативно ретко не затоа што го нема, туку затоа што речиси сè завршило во јадрото.

Не злато, туку негова хемиска трага

Истражувачите не пронашле злато во лавата од Хаваите. Наместо тоа, ги анализирале базалтите собрани на овој архипелаг, вклучувајќи и примероци од активното езеро со лава на вулканот Килауеа, и во нив откриле необичен изотопски потпис од металот рутениум, поточно од изотопот рутениум-100.

Претходните истражувања покажаа дека јадрото и обвивката имаат различни изотопски односи на овој елемент. За време на доцната фаза од формирањето на Земјата, новиот материјал го променил составот на обвивката, но не стигнал до јадрото, па научниците добија своевиден хемиски „отпечаток од прст“ што овозможува разликување на материјалот од тие два дела на планетата.

Во хавајските карпи е пронајден токму таков потпис, заедно со необични вредности на изотопи на волфрам, уште еден елемент што се поврзува со материјалот од јадрото. Според авторите на трудот, комбинацијата од овие два показатели претставува силен доказ дека дел од материјалот од јадрото завршил во карпите што ги хранат хавајските вулкани.

Хаваите не се случајно избрани. Се смета дека вулканите во ова подрачје настануваат благодарение на длабок столб од врел материјал што се издигнува речиси директно од границата меѓу јадрото и обвивката. Поради тоа, тие се идеално место за барање вакви хемиски траги.

Како материјалот од јадрото доаѓа до површината?

Научниците разгледуваа две можни објаснувања.

Првото подразбира дека мала количина метал од јадрото директно се меша со материјалот во долниот дел од обвивката. Сепак, тоа сценарио би требало да доведе и до зголемени концентрации на злато и платина во вулканските карпи, што не е забележано.

Втората хипотеза многу подобро одговара на резултатите. Како што Земјиното јадро многу бавно се лади, на неговата надворешна граница можат да настанат тенки слоеви од мешани метали богати со рутениум и волфрам, но не и со злато или платина.

Според Матијас Вилболд, резултатите покажуваат дека Земјиното јадро не е целосно изолирано од остатокот на планетата, како што претходно се сметаше. Сепак, истражувачите нагласуваат дека количината материјал што стигнува до површината е исклучително мала и дека хавајските вулкани не претставуваат ново наоѓалиште на злато.

Следниот чекор ќе биде истражување на други подрачја на Земјата за кои се верува дека се хранат од длабоки столбови со врел материјал од обвивката, како што е подрачјето на Источна Африка. Ако истата хемиска трага се пронајде и таму, тоа би можело да потврди дека размената на материјал меѓу јадрото и обвивката не е исклучок врзан само за Хаваите, туку еден од темелните процеси што во текот на милијарди години ја обликуваат внатрешноста на нашата планета.